Маск се закани дека нема да го купи Твитер доколку не му се исполни условот

од Nikola Popovski
262 прегледи

Милијардерот Илон Маск се закани дека ќе се откаже од договорот за купување на Твитер за 44 милијарди долари доколку социјалната мрежа одбие да му достави податоци за спам и лажни налози и профили.

Во писмото до компанијата, Маск изјавил дека тие „јасно ги прекршуваат“ обврските кон него и предупредил дека го задржува правото да го откаже купопродажниот договор.

Ова е првпат Маск писмено да се заканува дека ќе се откаже. Досега само твиташе за тоа.

Твитер претходно ги минимизираше предупредувањата на Маск дека договорот е „во тек“, тврдејќи дека информациите што ги бара ќе му помогнат да управува со Твитер, а не да спроведе детална анализа и повторно да ги отвори преговорите.

Маск во март изјави дека „привремено ќе го замрзне“ договорот додека чека социјалната мрежа да му достави податоци за бројот на лажни сметки.

„Маск смета дека Твитер отворено одбива да ги исполни обврските од договорот за спојување, што предизвикува сомнеж дека компанијата ги крие бараните податоци“, се вели во писмото.

Основачот на Тесла ја доведе во прашање точноста на податоците што ги дава Твитер на спам налозите, според кои тие сочинуваат помалку од пет проценти од базата на корисници. Маск тврди дека вистинската бројка мора да биде околу 20 проценти.

Тој тврди дека податоците му се потребни за да направи сопствена анализа на корисниците на Твитер и дека не верува во методологијата на таа компанија.

„Маск очигледно има право на бараната информација, која ќе му овозможи да се подготви за трансфер на бизнисот на Твитер во негова сопственост и да го олесни финансирањето на трансакцијата“, соопштија неговите адвокати.

Твитер не одговори на барањето на Ројтерс за коментар.

Акциите на компанијата паднаа за 5,5 отсто рано во понеделникот и вредат 37,95 долари.

Фото: Shutterstock/Sergei Elagin

Слични содржини