Маскирани лица уапсија белоруски адвокат поврзан со опозицијата

од Vladimir Zorba
200 прегледи

Маскирани лица утрово го уапсија адвокатот Максим Знак (39), еден од последните двајца членови на белорускиот опозициски координативен совет, соопшти неговиот тим, пренесува АФП. Белоруското обвинителство покрена кривична постапка против две лидерки на опозицијата, Марија Колесникова и Светлана Тихановскаја.

„Маским Знак дојде во канцеларијата да учествува на видео конференција, но не се вклучи, тој успеа само да испрати порака „маски“, прецизира неговата прес-служба на мрежата на Телеграм, заедно со фотографија на која се гледаат маскирани лица во цивил како го приведуваат адвокатот.

Тој е еден од седумте члена на Координативниот совет, формиран со цел транзиција на власта во Белорусија и заминување на претседателот Александар Лукашенко.

Добитничката на Нобелова награда за литература Светлана Алексијевиќ остана последниот член на таа група што е на слобода, откако другите беа уапсени или принудени на егзил.

Најновото апсење се случи по едномесечните масовни протести во врска со спорните претседателски избори, на кои Лукашенко беше избран за претседател по шести пат.

Иако полицијата и безбедносните служби не го потврдија апсењето на Знак, тој исчезна како и другите опозиционери кои беа приведени од маскирани лица, а потоа ќе биде објавено дека тие се во притвор или биле принудени на егзил.

Опозициската лидерка Марија Колесникова беше уапсена во вторникот, на границата меѓу Белорусија и Украина, а двајца нејзини соработници успеаја да ја напуштат земјата. Минск на крајот призна дека е уапсена.

Колесникова е една од трите жени кои учествуваа во претседателската трка против шефот на државата, Александар Лукашенко. Другите двајца ривали на Лукашенко успеаја да ја напуштат земјата, пренесува Радио Слободна Европа.

Слични содржини