Зголемениот број на заболени од коронавирусот во Mакедонија постепено ги преполнува капацитетите на болниците.
Мерките како носење на заштитни маски на отворено, ограничување на групирање до 22 часот и ограничување на семејните собири како дел од измените на Законот за заштита на населението од заразни болести се уште не се најдоа на собраниска седница.
Владата повторно апелираше до опозицијата за поскоро носење на измените и дополнувањата на Законот за заштита од заразни болести, имајќи ја предвид состојбата со ширењето на коронавирусот во земјата.
–Овде е многу важно да апелираме, Законот што е веќе во Собрание да биде донесен час поскоро затоа што се работи навистина за јавното здравје и затоа што им го должиме и на здравствените работници коишто се многу оптеретени сите овие месеци откако трае пандемијата, рече портпаролот Душко Арсовски на прес-конференција во Владата.
Во однос на мерките за намалување и превенција на ширењето на коронавирусот и прашањето кои закони ќе се менуваат и како ќе се третира тоа што работењето на угостителските објекти е регулирано со закон до полноќ односно до 1 часот, по полноќ, тој рече дека онаму каде што треба ќе се интервенира со измени на законите.
-Таму каде што има потреба од проширување на ингеренции на инспекциите и треба да се интервенира во Закон оди преку закони во Собрание, таму каде што Владата на некој начин има одврзани раце да интервенира како во случајот со вчерашните мерки тоа не е случај и затоа е тоа така направено. Имаше доста денеска прашања на таа тема, меѓутоа тоа е сосема јасно. Значи, таму каде што има потреба законски да се интервенира оди преку Собрание и тој процес оди таму, рече Арсовски.
Дополнително ќе информира во однос на работното време на угостителските објекти.
Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски денеска на прес-конференција информира дека во текот на вчерашниот ден во утринските часови имало средба помеѓу министерот за здравство и професорот Вело Марковски, на која била предложена идејата на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на специјална државна комисија за борба против пандемијата, но таа не била прифатена.
– Во однос на комисијата за справување со пандемија и епидемија предложивме таа комисија да брои 11 члена. По функција тука би биле министерот за здравство и директорот за Центарот за управување со кризи, а внатре би членувале специјалисти инфектолози 3 членови, епидемиолози 2 членови, микробиолози 2 членови имунолог еден член и специјалист интернист еден член. На наше разочарување оваа идеја и предлог не беа прифатени од министерот за здравство, рече Милошоски.
Како што рече тој, ВМРО-ДПМНЕ смета дека Комисија за заразни болести носи дел од одговорноста за многу ненавремени или за многу несоодветно преземање на мерки изминативе пет месеци.
Воедно денеска со свој апел за побрзо носење на мерките излезе и министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој вели дека обидот на ВМРО-ДПМНЕ за блокада на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести е смислен и тенденциозен обид за дневнополитички поени кој директно го загрозува здравјето на населението.
„Најостро реагирам на повторниот обид на ВМРО-ДПМНЕ за блокада на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести и новите мерки за превенција од понатамошно ширење на вирусот. Ова е смислен и тенденциозен обид за дневно-политички поени кој директно го загрозува здравјето на населението.
Од почеток на ковид кризата во земјата, од опозицијата не видовме ништо друго освен неконструктивно делување, опструкции и критики кон сите кои даваат максимални напори во справување со вирусот во земјата.
Имено, токму заменичката министерка за финансии во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со месеци го одолговлекуваше и воопшто не го ни потпиша заемот од Светска Банка и со тоа практично го запре процесот на спроведување на проектот за брзо дејствување против последиците од кризата предизвикана од ковид-19. Заемот беше наменет за поддршка на здравствениот систем и подготовка на дополнителни болнички капацитети за есенскиот бран, кој ние го најавивме, а сега и се соочуваме со истиот.
Уште една во низата постапки со кои тие ја потврдуваат својата деструктивна политика и фактот дека последното нешто на што размислуваат е здравјето на граѓаните е постојаното дискредитирање на Комисијата за заразни болести, омаловажувајќи ја и експертизата на членовите и нивниот труд во справувањето со кризата.
Барањето за формирање на нова Комисија која ќе ја избира Собранието е само начин да се прикаже наводна грижа и конструктивност и истото е целосно неиздржано. Во Комисијата за заразни болести членуваат врвни професионалци, експерти во својата област. Од почетокот на кризата, сите одлуки, препораки и мерки на Комисијата за заразни болести се носат врз издржани епидемиолошки анализи и единство во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните.
Уште еднаш повикувам на разум и одговорност, јавното здравје е над партиските интереси. Вирусот не чека, мерките мора да се донесат во најкус можен рок“, изјави Филипче.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 24,196, бројката на оздравени пациенти е 17,673, на починати е 850, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 5.673.