Маските „паднаа“, некултурата остана

од Vladimir Zorba
398 прегледи

Заштитните маски по употреба наместо во канта за отпад завршуваат како „декорација“ на огради, дрвја, гранки…Иако пред неколку недели маските и официјално „паднаа“ во затворен простор, освен во болници, аптеки,старски домови и јавен превоз, тие се уште се најчестото ѓубре кое се забележува низ улиците.

Од „ЈП Комунална хигиена-Скопје“ апелираат до жителите на градот Скопје употребените заштитни маски да ги одлагаат правилно и совесно во соодветно спакувани.

-Во текот на изминатите 2,5 години, по прогласувањето на пандемијата со вирусот Ковид-19, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје се соочуваат со големо количество отпад од заштитни маски и ракавици што граѓаните го исфрлаат на јавни површини или пак несоодветно спакуван го одлагаат во садовите наменети за комунален отпад, за „Локално“, појаснува портпаролката на Комунална хигиена, Ана Марија Бранѓолица.

Таа потеницира дека употребените заштитни маски претставуваат потенцијален извор на зараза и согласно епидемиолошките препораки и дека овој тип на отпад треба да биде одложен уредно спакуван во двојни кеси.

-Значајно е да се спомене дека ЈП Комунална хигиена-Скопје го третира отпадот од заштитна опрема како комунален отпад и граѓаните слободно смеат да го одлагаат во садовите поставени на јавни површини, без разлика дали станува збор за надземни и подземни контејнери, канти или корпи за отпадоци.Но, до жителите на градот Скопје апелираме употребените заштитни маски да ги одлагаат правилно и совесно и тие да бидат соодветно спакувани, со цел да се заштити здравјето на вработените во Претпријатието коишто секојдневно доаѓаат во контакт со овој потенцијално контаминиран отпад и воедно да се намали ризикот од ширење на вирусот Ковид-19, подвелкува Бранѓолица.

Ковидот може да преживее на хируршка маска до седум дена

Досега истражувањата покажаа дека коронавирусот може да преживее на хируршка маска до седум дена. Од моментот кога е несоодветно фрлена, маската претставува опасност за работниците во комуналните претпријатија, собирачите на секундарни суровини, но и за оној што ќе се доближи до контејнерот или кантата за да го фрли ѓубрето.

Долгорочно, несоодветното фрлање на маските е вистинска опасност за растенијата и животните. Познато е дека пластичниот отпад го задушува и уништува екосистемот. Некои животни не можат да ја уочат разликата помеѓу пластичен предмет и плен, така што кога ќе голтнат дел од маската, може да дојде до задушување.

Дури и ако не се задушат, животните остануваат гладни бидејќи материјалот што им го наполнил стомакот не обезбедува хранливи материи, ниту се разградува како храна, па така им е отежнато варењето.

Потребни се десетици години да се распаднат

Најголемиот дел од заштитните маски и ракавици се изработени од пластични материјали кои се со долг век на траење и доколку се фрлат во природата, ќе им бидат потребни од десетици до стотици години да се распаднат (во зависност од материјалот).

Воглавно и при нивното разложување, тие нема да исчезнат, туку ќе се разградат на мали делови, односно на микро пластика, која е токсична за сите живи битија на планетата. Влијанието на пластиката врз целокупниот жив свет е длабоко истражувано и токму поради тоа се цели кон нејзино целосно исфрлување од употреба.

Само една маска може да произведе милиони честички, од кои секоја има потенцијал да внесе хемикалии и бактерии во синџирот на исхрана, а потенцијално дури и кај луѓето.

Б.М.

Слични содржини