Масовен помор на риби во Кумановска река, водата во Пчиња виолетова

од Берта Китинска
356 прегледи

Државниот инспектор за животна средина денеска извршил вонреден инспекциски надзор во пречистителната станица во село Доброшане, откако рибари пријавиле дека има помор на риби во реката Кумановка и на вливот во реката Пчиња.

„Добивме известување од рибари од Куманово за помор на риби долж реката Кумановка на вливот со река Пчиња. Извршен е вонреден инспекциски надзор во Куманово од страна на Државен инспектор за животна средина од Одделението за инспекциски надзор во животната средина, Североисточен и Источен регион, канцеларија Крива Паланка во правниот субјект пречистителна станица за третман на отпадни води лоцирана во с.Доброшане, која при надзорот беше во функција. Надзорот во соработка со Државен инспектор за земјоделство продолжува во понеделник 1 август“, соопштуваат од инспекторатот.

Оттаму најавуваат дека денеска ќе биде извршен и вонреден инспекциски надзор во општина Старо Нагоричане, поради тоа што во водата е испуштена виолетова течност.

„Утре ќе биде извршен и вонреден инспекциски надзор во Општина Старо Нагоричане во соработка со овластен инспектор за животна средина согласно надлежноста, кај правен субјект за обработка на печурки, цвекло и друг зеленчук, поради основано сомневање за деградација на река Пчиња кај Драгоманце со отпадни води од технолошки процес, врз основа на добиени информации преку социјални мрежи“, објавија од Инспекторатот за животна средина.

Слични содржини