Со транспаренти на кои пишуваше „Бараме пристојна плата“, „Зголемување на сите плати“ и со извици „Лопови!“, демонстрантите упатија критики кон Владата и стопанствениците, барајќи зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра, како и раст на сите останати плати за 6.000 денари.
Протестот беше проследен со музика и работнички песни, меѓу кои и „Интернационалата“, како и социјално ангажирани нумери што дополнително ја засилија атмосферата и пораките на собирот.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, им порача на насобраните дека денешниот протест покажува оти станува збор за масовен и сериозен проблем, а не за поединечни барања.
„Нема повеќе молење, време е за борба. Од Работничкиот дом продолжуваме кон Собранието, Владата и кај газдите. Нека не бројат, многу сме“, порача Трендафилов пред насобраните работници.
Организаторите најавија дека протестите ќе продолжат доколку барањата не бидат прифатени.