Ширум Германија, стотици илјади луѓе излегоа на улиците за демократија и против десничарскиот екстремизам во текот на викендот. Само во Берлин, во неделата дојдоа 350.000 луѓе, според организаторите на протестот, мрежата Compact и Fridays for Future. Во Минхен организаторите објавија дека имало околу 250.000 учесници.
Заедно со демонстрациите во петокот и саботата, организацијата достигна вкупно 1,4 милиони учесници. Во Минхен и во петокот во Хамбург протестите мораа да бидат прекинати поради пренатрупаност. Се вели дека безбедноста на учесниците повеќе не можела да биде гарантирана.
Штајнмаер: Да покажеме дека сме посилни заедно
Високи политичари од различни партии ги поддржаа овие собири.
„Големиот одзив на протестите, особено во градот Хале, е силен сигнал против десничарскиот екстремизам и за демократски соживот, на кој можеме да гледаме со гордост“, рече премиерот на сојузната покраина Саксонија-Анхалт, Рајнер Хаселоф (ЦДУ) за „Мителдојче цајтунг“.
Премиерот на Сакоснија, Михаел Кречмер (ЦДУ), учествуваше на протестите во Герлиќ. Кречмер изјави за јавниот сервис АРД дека она што се случува е трогателно и ја повика федералната влада да дејствува во одбрана на демократијата. Тој е убеден дека е можно да се одземе плодната почва на зајакнувањето на десницата и „да ѝ се даде на Германија натамошни децении стабилност и просперитет“.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер им се заблагодари на демонстрантите за нивната посветеност на демократијата.
„Овие луѓе не охрабруваат сите. Тие ја бранат нашата република и нашиот устав од нејзините непријатели. Тие ја бранат нашата хуманост“, рече тој во видео пораката во Берлин.
Како што наведе, многу различни луѓе излегле на улица. „Но, сите имаат едно нешто заедничко: спротивставување на омразата и десничарскиот екстремизам. Тие сакаат да продолжат да живеат заедно во иднина, слободно и мирно. Она што сега е потребно е сојуз на сите демократи. Иднината на нашата демократија не зависи од гласноста на нејзините противници, туку од силата на оние кои ја бранат демократијата. Да покажеме дека заедно сме посилни“, порача германскиот претседател.
Баварскиот премиер Маркус Зедер рече: „Ви благодариме за овој јасен сигнал! Ако демократите се држат заедно, екстремистите немаат шанса“.
Реакција на тајната конференција на десничари
Веќе една недела во многу германски градови се одржуваат големи демонстрации против Алтернативата за Германија (АфД) и десничарскиот екстремизам. Протестите беа поттикнати од извештајот на истражувачката мрежа Correctiv за состанокот на десничарските екстремисти на 25 ноември во Потсдам, на кој присуствувале политичари од АфД и ЦДУ, како и истакнати претставници на екстремната десница од Германија и Австрија. На средбата се разговарало за можноста за протерување на државјани со странско потекло од Германија.
Веста за оваа конференција, а пред се учеството на парламентарната партија АфД на оваа средба, доведе до бран на огорченост во јавноста. Но, АфД сè уште ужива поддршка од над 20 отсто од гласачите во анкетите на јавното мислење на федерално ниво и над 30 отсто на истокот на земјата.