Матичниот лекар Ацо Трповски бил убиен на друго место, по што неговото тело било донесено во неговиот автомобил. Ова денеска го обелодени заменик-министерот за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев.
-Беа приведени три лица за неговото убиство, но се ослободени поради недоволен број докази за да продолжи постапката. Колегите се уште работат и ги собираат информациите од терен. Повеќе не можам да откријам, додаде Бојмацалиев.
Истрагата за убиството на Трповски е во напредна фаза, велат од МВР. Инспекторите за насилен криминал прегледале повеќе од 40 снимки од безбедносни камери, а разговарале и со повеќе од 15 луѓе во обид да го идентификуваат убиецот. Се анализираат и доказите собрани од увидот на самото место.
Од Лекарската комора со осуда за убиството на нивниот колега. Велат, ниту еден здравствен работник не смее да се чувствува небезбедно на своето работно место. Побараа надлежните институции во целост да го расветлат овој случајот.
Телото на Трповски беше пронајдено во неговиот личен автомобил на паркинг пред поликлиниката во која работел како матичен лекар на пациентите од скопска Железара.