Матичните очекуваат Сали да застане „рамо до рамо“ со нив, министерот против нajaвениот штрајк: „Пациентите не смеат да трпат“

од Vladimir Zorba
404 прегледи

Поголема капитација, евентуално воведување на минимална партиципација за одење кај матичен, пациенти на ПЗУ, регулирање на електронски рецепт се само дел од барањата на примарното приватно здравство, кое веќе долго време очекува решенија на проблемите.

-Нашите проблеми се кажани и пренесени, поголемиот дел од нашите барања не се пари, промените треба да се исполнат бидејќи се е во интерес на народот, вели за „Локално“, др. Лилија Чолакова Дервишова претседател на Здружението на приватни лекари (ЗПЛРМ), која напоменува дека матичните лекари долго и трпеливо чекаат да се најде решение за нивните проблеми.

-Платите на наставниците им се покачија, исто така тоа се случи и со лекарите од јавниот сектор, полицијата, матичарите… ние толку толерантно чекаме со години да се најде решение за нашите барања. Сме останале во оваа држава за да работиме. Немам млади кадри, а ни се потребни за работа и тоа во помалите градови. Со сите нови покачаувања, многу е тешко еден лекар да егзистира, појаснува докторката.

Матичните доктори тврдат дека реформите кои ги бараат нема да бидат на товар на буџетот туку се само административни и технички.

Дополнително, како аргумент го наведуваат и фактот дека периодов 100 лекари ќе си заминат во пензија, меѓу нив и педијатри, со што Скопје ќе остане со намален број на доктори во примарното здравство, па ќе им се олесни работата.

Тие изразуваат надеж дека наредните денови пред протестот здравствените власти ќе излезат со предлог.

-Имаме поддршка од пациентите и во интерес нивен ќе направивме протестот да биде на 5,6 и 7 септември, тогаш нема да има издавање на упати и пропишување на рецепти, вели Чолакова Дервишова.

Претседателката на ЗПЛРМ очекува поддршка од министерот за здравство Беким Сали.

-Министерот доаѓа од примарното здравство и ние навистина очекуваме од нашиот колега дека ги разбира нашите проблеми и дека ќе застане рамо до рамо да направи нешто за нас како и за стоматолозите, вели таа.

„Пациентите не смеат да трпат поради незадоволството на матичните лекари“

Министерот за здравство Беким Сали не го поддржува најавениот штрајк на матичните лекари од 5 до 7 септември, бидејќи, според него, не може преку пациенти да се бојкотира работа и да се даваат повици за масовно земање упати и терапии.

-Ние во изминатиот период од шест месеци веќе дискутираме. Не можеме да направиме промена во систем во период од месец дена или два, или пак, под притисок знаејќи дека во изминатиот период ние постојано дискутиравме, повеќе точки се предложени на Влада, дадени се насоки, тоа се процедури исто како што имаме забелешки за јавните набавки исто и за измените кои треба да се направат во систем за справување со примарната здравствена заштита. Се бара време, тоа е единствената работа што сум ја побарал од матичните лекари, но за жал нема слух. За жал ние ќе продолжиме со нашата интензивна работа околу промените во примарната здравствена заштита. Моите колеги за жал ќе продолжат со бојкотирање, а пациентите се тие што трпат, рече Сали.

Б.М.

Слични содржини