Матичните продолжуваат со штрајкот, Сали повикува да не водат политички битки

од Берта Китинска
185 прегледи

Матичните лекари продолжуваат со штрајкот.

Не штрајкуваат сите матични лекари туку само еден мал дел од нив, е ставот на министерот за здравство на вториот ден од штрајкот.

Ова е наспроти тврдењата на Здружението на приватни лекари од каде што тврдеа дека најголемиот дел од матичните се приклучуваат на бојкотот на работата.

А, во меѓувреме и денес како и вчера не се издаваат рецепти и упати во ординациите и вратата е отворена само за итните пациенти.

Министерот Сали повикува за решенија на маса и без директна штета на пациентите.

„Очигледно ние како министерство не успеавме да убедиме само еден мал дел. Тоа се 25% од матичните лекари. Две од трите поголеми здруженија на матичните лекари не се дел од овој штрајк и не се вклучија во бојкотот на работата во којшто жртви се пациентите и тие го извлекуваат подебелиот крај, а не системот. Затоа што измени во системот се прават преку разговори, а не преку штрајк“ изјави министерот за здравство, Беким Сали.

Лекарите бараат зголемување на капитацискиот бод, електронско здравство, бришење на дестимулативната скала, зголемување на буџетите за специјалисти и лаборатории и за рурални амбуланти, како и да не се затвораат ординации на лекари кои сакаат да продолжат да работат над 64 години.

Штрајкот на матичните лекари се одвива во нивните ординации, но тие не издаваат упати и термини, а примаат само итни случаи.

Штрајкот на матичните лекари доби поддршка и од Комората на приватно здравство при Сојузот на стопански комори на Македонија. Оттаму велат дека барањата на матичните лекари во земјата се легитимни и реални, а системот е неодржлив, за што посочува дека се доказ големиот број проблеми кои се јавуваат.

Слични содржини