Залетувањата на полициски возила во групи демонстранти навистина претставуваат сцени што се гледаа на улиците на Белорусија во претходните години кога тамошниот претседател Лукашенко се справуваше со граѓаните и опозицијата во неговата земја, вели во разговор за „Локално“, српскиот аналитичар Марко Матиќ за блокадите и апсењата во неговата држава поради неисполнување на барањата за предвремени избори.
Соговорникот оценува дека поделбата на народот тешко може да се нарече успех на една влада.
-(Интервенцијата на српската полиција) е одраз на неспособноста на режимот успешно да го потисне граѓанскиот бунт што доби нови размери и ги расипа пофалбите на српските лидери за победата над студентите. Сепак, зголемената репресија лесно може да доведе до нови проблеми за режимот, што би се одразило во реакциите на ЕУ и меѓународната заедница. Во оваа смисла, Вучиќ тешко може да смета на поддршката од Русија, со оглед на тоа што голем број проруски групи учествуваат во протестите и дека Москва има интерес и да го ослаби Вучиќ за полесно да го контролира, вели меѓу другото Матиќ во разговорот.