Средношколците денеска го полагаат вториот изборен предмет од државната матура. Најмногу пријавени кандидати има за тестот по Англиски јазик (13,198). За Математика ќе полагаат 1,356 ученици, за Германски јазик 114, за Француски јазик 37, за Естетика 84, а по еден кандидат се пријавени за Руски јазик и Филозофија.
Надлежните порачуваат дека се е подготвено, иако минатиот викенд дел од матурантите го сликаа и го испраќаа испитот во вибер-група со 5000 членови. Очекуваат да проработи свеста кај матурантите и кај тестаторите.
Оваа година, за поголема контрола при полагањето, тестовите се решаваат во големи простори – училишните холови или спортските сали.
Институциите завршија со координација. Дел од мерките и паѓање на матурскиот испит и поголема контрола на социјалните мрежи, во случај да не се појави нова вибер-група, но овој пат со тестот по англиски јазик.
Од Младинскиот образовен форум велат – потфрлија и институциите. Нивниот став е дека државната матура треба да претрпи реформа и дека препишувањето е резултат на застарениот модел.
Државниот испитен центар (ДИЦ) резултатите од полагањето на двата екстерни испити ќе ги објави до 8 јули.
Дотогаш треба да има и одлука од комисиите на ДИЦ за поништување на тестови за првиот и за вториот екстерен испит доколку се утврдат прекршувања на правилата на самото полагање или ако се констатираат нерегуларности т.е. преписи при оценувањето на тестовите.
Учениците кои нема да ја положат државната матура во јунската сесија ќе можат да се пријават за августовската сесија. Таму двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август 2024 година.