Матурантите го продолжуваат протестот, за МОН бојкотот е неоправдан

од Берта Китинска
180 прегледи

Учениците од средното образование го продолжуваат бојкотот на наставата, а од МОН  велат дека матурските испити ќе се полагаат онака како што веќе е утврдено.

Министерката за образование Мила Царовска вели дека бојктот е неоправдан, а матурата не е задолжителна за сите кои не сакаат да учат понатаму.

На својот фејсбук профил појасни и дека бојкотот е неоправдан, а секој изгубен час според Законот, ќе мора да се надомести.

Одвивањето на наставата во второ полугодие како и полагањето на матурските испити беше тема на состанокот утрово со директорите на средните училишта и при тоа е заклучено:

-Државната матура е право на избор и тоа право е неприкосновено право. Секој ученик што сака да го продолжи своето образование полага државна матура според утврдениот законски ред.

Учениците во месец декември го остварија своето право и ги пријавија матурските испити согласно Концепцијата за полагање матура. Учениците избраа предмети кои директно ги подготвуваат за областите и факултетите кои ќе бидат нивен понатамошен професионален развој. Во истата Концепција, постои и избор за учениците за полагање училишна матура или завршен испит. Овие избори предвидуваат само два предмети ( еден задолжителен и еден изборен) и проектна задача.

-Апелираме до средношколците и матурантите да продолжат со следење на наставата, затоа што секој изгубен час е на нивна директна штета. Најголем дел од нив губат токму од содржините што се подготовка за испитите и за успешно полагање на истите.

– Бојкотот е неоправдан, а секој изгубен час според Закон треба да се надомести.

-Подготовките за матурата се во тек, од страна на МОН беа прифатени сите забелешки за олеснување во делот на испитните матурски програми по сите предмети. ДИЦ ги вклучи сите сугестии и креираше испитни прашања на базично ниво, земајќи ги предвид сите околности.

Од Сојузот на средношколци велат дека не се залагаат за откажување на матурата. Сојузот не ги поддржа средношколците кои тоа го бараа и инсистираше дека државна матура мора да има. Имајќи го ова на ум, јасно е дека бојкотот на наставата не е за откажување на матурата, тука за нејзино изменување за оваа учебна година. Затоа Сојузот не се согласува дека „бојкотот е неоправдан”, реагира Сојузот на средношколци по изјавите на министерката за образование и наука, Мила Царовска.

 

Сојузот се согласува дека државната матура е „право на избор и тоа право е неприкосновено” и дека ја полагаат ученици кои сакаат да го продолжат своето образование. Но, во однос на тоа дека над 14 илјади матуранти веќе се пријавиле во декември да ја полагаат државната матура, Сојузот во реакцијата посочува дека во декември матурантите не биле сигурни дали воопшто ќе се одржи матурата.

Слични содржини