Речиси 15 илјади ученици што завршуваат средно образование, оваа сабота ќе го полагаат првиот од двата екстерни испита од државната матура – мајчин јазик и литература. Новина во оваа учебна година е тоа што наместо во училници, тестовите ќе се полагаат во големи простории во училиштата – холовите, училишните спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање.
Двата екстерни испита од државната матура во јунската сесија оваа година ќе се полагаат на 1 јуни – задолжителниот испит (македонски јазик, албански јазик и турски јазик) и литература и на 8 јуни – изборниот испит (математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија и естетика).
На веб-страницата за државната матура веќе се објавени збирки задачи и прашања за сите наставни предмети кои се полагаат на екстерните испити.
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ) за јунската сесија се пријавени 10.088 кандидати за испитот по македонски јазик и литература, 4.189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература.
Вториот (изборен) екстерен испит ќе се полага на 8 јуни. Пријавени се 1.356 кандидати за математика, 13.198 за англиски јазик, 37 за француски јазик, 114 за германски јазик, 84 за естетика и по еден кандидат за руски јазик и за филозофија.
Според видот на образование, 6.341 матуранти се од гимназии, 8.230 од стручно и 263 од уметничко образование.
Во голема просторија ќе има и повеќе тестатори на едно место така што оваа новина ќе овозможи подобра контрола на случувањата во текот на испитот и ќе оневозможи препишувања или масовно споделување на одговори, како што се случи минатата година во група на апликацијата Вибер на испитот по Англиски јазик.
Матурантите кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура или не во целост ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август 2024.