Најдолговечниот пациент на кој му било трансплантирано на срце, опериран во Англија во 1984 година, официјално влезе во Гинисовата книга на рекорди.
Берт Јансен (57) од Холандија живее речиси 40 години со донорско срце кое му било пресадено во лондонската болница Харфилд.
Откако развил симптоми слични на грип на 17-годишна возраст, на Јансен му била дијагностицирана кардиомиопатија, задебелување на срцевиот мускул што го спречува да пумпа крв низ телото.
Кардиологот на Јансен во Холандија бил поврзан со болницата Харфилд во Лондон и со пионерот за трансплантација, професорот Магди Јакуб, кој ја извршил операцијата на 6 јуни 1984 година, кога пациентот наполнил 18 години.
Во тоа време во Холандија не се пресадувале срца.
„Сè помина многу брзо. Само една недела по пристигнувањето во Харфилд, две срца станаа достапни од голема сообраќајна несреќа во Лондон“, рече Јансен.
„Едното срце се поклопи и беше пресадено. Како што ми рекоа лекарите 30 години подоцна, мора совршено да одговарало“.
Јансен рече дека новото срце му овозможило „да живее квалитетен живот“.
Во 1996 година се оженил и станал татко на две деца, а денес се занимава дури и со параглајдерство.
Неговата операција беше 107-ма од ваков вид во Харфилд. Првата беше изведена од Сер Магди Јакуб во 1980 година и оттогаш центарот пресади илјадници срца.
Д-р. Фернандо Риего Гил, кардиолог и раководител на службата за трансплантација на срце во болницата Харфилд, рекол: „Фантастична вест е што еден од нашите рани пациенти продолжува да живее исполнет и среќен живот толку долго по неговата трансплантација“.
Според британската здравствена служба, минатата недела на активната листа на чекање за трансплантација во Обединетото Кралство имало 7.314 возрасни лица, од кои 248 биле пациенти помлади од 18 години.
„Се надевам дека приказната на Берт ќе послужи како поттик за луѓето да размислат да се регистрираат како донатор на органи, да донираат живот“, додава Гил.