Слаѓан Антиќ од Врање тврди дека по грешка примил две различни вакцини, прво на „Фајзер“, а потоа за време на ревакцинацијата, кинеската вакцина Синофарм.
Антиќ наведува дека ја примил првата доза на вакцината на „Фајзер“ во Здравствениот дом во Врање, а дека за втората доза добил СМС-порака од Е-управата да дојде во спортската сала во закажаното време.
По ревакцинацијата, како што вели, во разговор со докторот дознал дека е ревакциниран со кинеската вакцина.
„Во разговорот, лекарот кој ми е пријател ми кажа – оваа кинеска вакцина што ја прими е одлична, таа е екстра. Јас изненаден го прашувам – како кинеска, јас ја примив вакцината на Фајзер и тогаш настана гужва“, рече Антиќ за РТС, пренесува „Танјуг“.
Тој додал дека два дена по вакцинирањето завршил во болницата, каде, како што вели, примил раствори.
„Немам појма на што сум, дали сум вакциниран двапати, дали сум ревакциниран, дали ќе има несакани ефекти. Имав проблеми, минатата недела бев на ургентен два дена откако ја примив втората доза на вакцина, четири часа примав некои раствори, па ме испратија на интерно, во болница“, објаснува Антиќ.
Здравствениот дом за РТС изјави дека се состанала експертска комисија и дека во тек е внатрешен надзор.