Маж починал откако се заразил со амеба што го јаде мозокот

од Nikola Popovski
193 прегледи

Еден човек во САД починал откако се заразил со амеба што го јаде мозокот, веројатно откако го исплакнал носот со загадена вода од чешма, соопштија здравствените власти.

Министерството за здравство на Флорида во округот Шарлот ја потврди смртта во изјава на 23 февруари, но не даде детали за починатото лице. Се смета дека инфекцијата со амебата „Naegleria fowleri“ е резултат на миење на синусите, но што точно се случило сè уште се истражува

„Naegleria fowleri“ е едноклеточен организам кој се наоѓа во почвата и слатката вода ширум светот. Амебата влегува во телото преку носот, а потоа патува до мозокот, каде што го уништува ткивото и предизвикува разорна инфекција наречена примарен амебен менингоенцефалитис, која речиси секогаш е фатална, пишува „Sky News“.

Повеќето луѓе се заразуваат со бактеријата со пливање во топли езера или реки во текот на летото, бидејќи организмот сака топлина и најдобро расте на високи температури. Симптомите вклучуваат главоболка, треска, гадење, губење на рамнотежа, дезориентација, напади и вкочанет врат. Министерството исто така, објави дека луѓето не можат да се заразат со пиење вода од чешма и препорачуваат да се користи дестилирана или стерилна вода за наводнување на синусите. Водата од чешма треба да се вари најмалку една минута и да се излади пред да се исплакнат синусите, додаваат тие.

Инфекциите со Naegleria fowleri се ретки, со само три случаи потврдени во САД минатата година, според официјалните податоци. Евидентирани се три случаи во 2019, 2020 и 2021 година.