Мајките ќе имаат девет месеци породилно отсуство, а татковците четири

од Nikola Popovski
181 прегледи

Нема кратење на работничките права во однос на породилното отсуство. Најновата европска директива значи давање можност и за таткото да се вклучи во грижата на своето дете. Во првите две години од раѓањето на детето им овозможуваме родителско отсуство од четири месеци. Односно, имаме мајчинство од пет месеци, тоа е во првите пет месеци од раѓањето на детето, понатаму четири месеци родителско отсуство за мајката и четири месеци родителско отсуство за таткото. Тоа значи дека мајката и таткото можат да ги користат заедно, најизменично или еден по друг, зависи од договорот меѓу двајцата родители, информира денеска министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Дополнително, како што рече, имаат предвидено 15 дена татковство, односно од првиот ден на раѓање 15 дена доколку се роди едно дете, а за близнаци или повеќе деца татковство од 20 дена.

-Дополнително на ова право за работниците има и неплатено отсуство за двајцата родители во траење од два месеци кои, како што појасни министерката, можат да го користат до осумгодишна возраст на детето, кажа Тренчевска на прес-конференција во Владата.

Иако на прв поглед се чини дека периодот на породилното отсуство е скратен, тоа не е така, бидејќи мајката има пет месеци породилно и четири месеци родителско, па со детето останува исто како и досега, девет месеци.

Воведувањето на три вида отсуство има за цел да ја изедначи улогата на мајка и татко, односно маж и жена во периодот на растење на детето.

Слични содржини