Во врска со информациите коишто се пласираат во јавноста во изминатиот период, поврзани со движењата на менувачкиот пазар и девизниот курс од Македонската банкарска асоцијација (МБА) реагираат дека менувачките работи кај банките се одвиваат непречено.
– Банките располагаат со доволно девизна готовина и девизи за задоволување на сите потребите на граѓаните. Притоа, курсевите по кои се спроведуваат трансакциите се транспарентни, јавно објавени на секое менувачко место и се на стабилно ниво, соопштија од МБА.
Оттаму апелираа до граѓаните непотребно да не се изложуваат на трошоци менувајќи ги своите денарски средства во девизи, притоа водени единствено од „шпекулации и лажни вести“, кои се присутни во овој период.
– Уште еднаш потсетуваме дека банкарскиот систем е високо капитализиран и ликвиден и како и во досегашниот период има потенцијал за справување со шокови и натамошна поддршка на компаниите и граѓаните, се додава во реакцијата на Македонската банкарска асоцијација.