Францускиот фудбалер Килијан Мбапе официјално побарал од ПСЖ да му исплатат неисплатени плати и бонуси, изјавиле за „Франс прес“ извори блиски до случајот, со што ја потврдија информацијата на францускиот спортски весник „Л’Екип“.
Напаѓачот неодамна испратил писмо до клубот во кое бара да ја подмират сметката, а за писмото била информирана и Професионалната фудбалска лига (ЛФП). Правната комисија на ЛФП се уште не ја покренала постапката, бидејќи двете страни се во фаза на преговори.
ПСЖ не му ги исплатил на Мбапе, кој се пресели во Реал Мадрид, платите за април и мај, како и бонуси, тврди извор близок до случајот. Според францускиот спортски весник, станува збор за околу 100 милиони евра.
Во април, извор близок до случајот објаснил за АФП дека неисплатата на платата на Мбапе е поврзана со договорот склучен во летото 2023 година помеѓу играчот и клубот, според кој напаѓачот се обврзал да се откаже од дел од бонусите.
Но, верзијата што ја презентирал друг извор вклучен во преговорите била поинаква. Одлуката е донесена на иницијатива на клубот, но без информирање на Мбапе. Тогаш се споменуваше сума од околу 80 милиони евра.