Промената на бројот на дресот на Килијан Мбапе во Реал Мадрид донесе неверојатни резултати – францускиот интернационалец го сруши рекордот на Кристијано Роналдо и за само два дена обезбеди огромен приход од продажба на дресови за клубот и Адидас.
Имено, Килијан Мбапе одлучи да го замени бројот 9 со култниот број 10 што му го „остави“ Лука Модриќ, а потегот се покажа како целосен успех.
Според студијата на Euromericas Sport Marketing, објавена од Sport, дресот на Реал Мадрид со бројот 10 е продаден во дури 345.000 примероци во првите 48 часа откако е пуштен во продажба. Оваа историска бројка ги надмина сите претходни рекорди – вклучувајќи ја продажбата на дресови со бројот 9 на Мбапе минатата година, но и рекордите на Кристијано Роналдо во неговите најдобри денови во Мадрид, објави Sports Illustrated.
Овој успех ја потврдува глобалната популарност на Мбапе, но и симболичната моќ на бројот 10, кој со децении се поврзува со најголемите фудбалски легенди. За Адидас ова значи огромен комерцијален поттик, за Реал Мадрид дополнителна потврда за оправданоста на милионската инвестиција, а за самиот играч – уште посилна позиција како глобална икона и привлекување нови спонзори.
Зад едноставната промена на бројот стои внимателно испланирана стратегија – Мбапе доминира не само на теренот, туку и на пазарот на спортска опрема низ целата планета.
А колку е профитот? Официјалната цена на дресовите на Реал Мадрид се движи од 100 евра за стандардната верзија до 150 евра за професионалната верзија. Кога овие податоци ќе се комбинираат со бројките на Euromericas Sport Marketing, се заклучува дека во првите 48 часа од продажбата на дресовите на Мбапе, клубот и Адидас заработиле помеѓу 34,5 и 51,7 милиони евра.