Хрватска и Франција вечерва ќе се соочат на стадионот „Пољуд“ во Сплит, во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на нации. Двете селекции ќе ги предводат ѕвездите на Реал Мадрид – Лука Модриќ и Килијан Мбапе.
Искусниот Модриќ останува клучната фигура во хрватскиот тим, додека Французите се потпираат на својот најголем адут, Мбапе, кој по повеќе од шест месеци се враќа во националниот состав.
„Најважно е што повторно сум со репрезентацијата. Се чувствувам во одлична форма и се надевам дека ќе му помогнам на тимот во овие два меча против Хрватска. Дури и кога не бев во составот, останав во контакт со соиграчите – за нас, заедништвото е најважно. Хрватска го има Лука Модриќ, а од него можам да научам како се освојува Златна топка,“ изјави Мбапе.
Дуелот меѓу двете репрезентации ветува неизвесност и возбудувања, а вниманието ќе биде насочено кон дуелот на двајцата мадридски асови.