Француската фудбалска федерација (ФФФ) го игнорираше барањето на адвокатот на Килијан Мбапе случајот во кој неговиот клиент бара 55 милиони евра од Пари Сен Жермен до УЕФА. Со оглед на тоа што ФФФ не ја проследи документацијата испратена од Делфин Ферхејден до раководното тело на европскиот фудбал, УЕФА нема да го анализира случајот, ниту пак ќе го санкционира парискиот клуб.
Ова го пренесува „АС“, потсетувајќи дека правниот застапник на Мбапе минатата недела контактирал со Француската фудбалска федерација со барање УЕФА да го преземе случајот. Станува збор за спор во кој Мбапе тврди дека неговиот поранешен клуб му должи неисплатени плати и бонуси, што може да доведе до тоа УЕФА да му наложи на ПСЖ да ги плати трошоците, како и да го казни клубот.
Бараната сума од 55 милиони евра наводно е еднаква на тримесечна плата и бонуси кои Мбапе очекувал да ги добие. ПСЖ инсистира дека нема долг кон Мбапе.
Тој летово го напушти клубот како слободен играч и на слободен трансфер премина во Реал Мадрид.
Претходно беше објавено дека Мбапе не ја добил платата за април, мај и јуни и дел од бонусот од 80 милиони евра што му бил ветен за потпишување на продолжување на договорот. Адвокатскиот тим на Мбапе за ова ги известил УЕФА, Француската фудбалска федерација и раководството на лигата.
Се очекува спорот да продолжи.