Мбапе отворено за своите амбиции во „кралскиот клуб“: Секогаш ќе изберам освојување на Лигата на шампионите пред „Златната топка“

од Vladimir Zorba
11 прегледи

Килијан Мбапе конечно го оствари својот сон минатото лето и како слободен играч се пресели во Реал Мадрид. Оттогаш фудбалскиот свет го следи уште повнимателно, но Французинот продолжува да игра одличен фудбал. Тој за прв пат по неговото пристигнување во главниот град на Шпанија даде интервју во кое допре различни теми.

Мбапе долго време сонуваше да дојде во „кралскиот клуб“. Сите се свесни за влијанието што го имал Кристијано Роналдо врз него, но тој откри дека има уште еден играч кој го поврзал со Реал.

„Станав навивач на Реал Мадрид поради Зинедин Зидан. Потоа во клубот дојде Роналдо… Тој е и мој идол. Сите негови натпревари ги гледав како дете, но и како играч“, изјави Мбапе за шпанска „Ла Секста“.

26-годишниот фудбалер беше многу јасен за своите цели – трофеите имаат предност пред индивидуалниот успех. Засега Мбапе ја освои само француската лига и Светското првенство. Сè уште бара слава на клупско ниво.

„Секогаш ќе изберам освојување на Лигата на шампионите пред „Златната топка“. Целта е јасна – сакам да освојувам трофеи и да испишувам нови страници во историјата на Реал Мадрид!“

Французинот досега на 46 настапи во дресот на „кралскиот клуб“ постигна 32 гола и четири асистенции. Моментално е втор најдобар стрелец во Ла Лига, а заостанува само три гола од првопласираниот Левандовски. Во текот на сезоната тој разви одлично партнерство со Винисиус Жуниор, иако некои медиуми велат дека има тензија меѓу овие двајца фудбалери.

„Имам одличен однос со Вини. Не можам да го замислам Реал Мадрид без него. Опцијата да не играм со него никогаш не ми паднала на памет, идејата отсекогаш била да играме заедно, тоа е една од причините зошто дојдов во овој клуб“, изјави Килијан Мбапе.

Французинот е во конкуренција на Реал за постигнување на тројната круна веќе во првата сезона. За Ла Лига се натпреваруваат со Барселона, со која ќе играат и во финалето на Копа дел Реј, а постои и шанса овие две екипи да се сретнат во финалето на Лигата на шампионите, што би било првпат во историјата на спортот.

Слични содржини