Во рамки на претходното соопштение за јавноста, кое беше во јавноста погрешно протоколкувано, Здружението „Македонско-бугарско пријателство“ се огласи повторно и се огради од толкувањето на „Канал 5“.
„Почитувани, дозволете прво да се извиниме што мораме во краток рок, уште еднаш да се обратиме на овој начин, но, овојпат не е по наш избор. Имено, информациите од нашето последно соопштение до јавноста, беа предмет на манипулација, непрофесионализам и за жал злонамерност кај некои од медиумите во земјава. Сакаме веднаш да истакнеме, дека МБП ниту се заканува, ниту има потреба од нешто такво, ниту сега ниту во иднина.
Принудени сме на оваа реакција поради злонамерните и манипулативни новинарски прилози, кои можеби произлегуваат од личните предизвици на дел од менаџментот и новинарскиот колегиум на редакциите кои пласираа такви невистини.
Сакаме да бидеме јасни и повторуваме, Здружението „Македонско-бугарско пријателствo“ МБП, не е институција која некому дава или одзема. Во конкретниот случај, вашите колеги или претпоставени кои изразиле желба да се стекнат со државјанство на друга држава (во случајов од Република Бугарија) и притоа се одбиени, ги упатуваме да се обратат онаму каде што и ја повеле постапката. Неблагодарно е да ја злоупотребуваат својата позиција и јавниот простор и своите индивидуални проблеми и прашања, да ги решаваат тенденциозно и пристрасно“, се вели во соопштението.
Инаку, претходно денес, по првото соопштение, Канал 5 Тв пренесе дека Здружението испраќа „закана“, и во дел од текстот вели:
„Пред да го прочитате соопштението на ова здружение, кое е најблага форма на „говор на омраза“ , навреда и клевета , во споредба со оние политички и историски тонови кои доаѓаат од официјална Софија изминативе 6 месеци, погледнете ја табелата на сите пописи во Македонија во минатото , од која јасно се гледаат две работи…“