Изјавата на европската комесарка за проширување, Марта Кос дека ЕУ е загрижена за владеење на правото е целосно оправдана и ја одразува реалната состојба во Северна Македонија. Иако во изминатите години се усвојуваат стратегии и акциски планови за борба против корупцијата, реформите најчесто остануваат на хартија и служат пред сè како политички инструмент за задоволување на дневните потреби на партиските елити, изјавија за „Локално“ од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Оттаму потенцираат дека недостасува реална политичка волја за вистинска и независна имплементација на законите – институциите продолжуваат да бидат предмет на влијание, наместо да функционираат како независни и професионални тела.
-Судството останува ранливо на политички влијанија, постојат директни мешања во судските постапки и притисоци врз органите кои истражуваат случаи на корупција. Дополнително, медиумските регулатори се сметаат за политизирани, што влијае врз слободата на медиумите и го ограничува квалитетот на јавната дебата. Ова не се изолирани забелешки, токму овие теми Европската комисија континуирано ги бележи во своите извештаи, што покажува дека станува збор за долготраен и системски проблем, потенцираат од МЦМС.
Како резултат на сето ова, појаснуваат, довербата на граѓаните во правосудните и антикорупциските институции останува исклучително ниска.
-Недостатокот на политичка волја и институционална одговорност доведува до создавање на култура на неказнивост, каде што високи случаи на корупција ретко завршуваат со ефективни санкции. Наместо институциите да бидат сервис на јавниот интерес, се создаваат политики и состојби кои примарно им одговараат на политичките центри на моќ, што го загрозува демократскиот капацитет на државата и перспективите за интеграција во ЕУ, велат од граѓанската организација.
Причини за заташкување и нашите најголеми слабости
Како што потенцираат од МЦМС, причината за нашата долгогодишна стагнација е пред сè недостигот на политичка желба за развој. Додаваат дека ниту еден релевантен чинител не покажа доследна и искрена волја да се воспостават постојани политики што ќе се спроведуваат континуирано и ќе дадат резултати. Наместо тоа, се креираат мерки „за пред јавноста“, кои остануваат на хартија, додека институциите се користат за партиски интереси.

МЦМС/ Фото: Фејсбук
-Нашите најголеми слабости се системските: судството останува подложно на политички влијанија, институциите често ја избегнуваат својата надлежност, а во борбата против корупцијата постои култура на неказнивост. Илустративен пример е Националната стратегија за спречување на корупцијата и судир на интереси 2021–2025 – според податоците, во 2023 година беше спроведен само мал дел од активностите, а во 2024 повеќе од половина мерки воопшто не беа реализирани. Тоа е јасен доказ дека нема институционална сопственост ниту вистинска посветеност, потенцираат од граѓанската организација.
Како што додаваат, дополнителен удар за довербата беше нанесен со измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, со кои беа намалени казните за злоупотреба на службена положба, а дел од кривичните дела како злоупотреба во јавни набавки беа целосно укинати. Последиците беа сериозни: голем број предмети, вклучително и случаи на висока корупција, беа прекинати или застарени. Тоа ја потврди перцепцијата дека законите се кројат за интересите на елитите, а не за јавниот интерес.
-Довербата во судството и обвинителството е на многу ниско ниво. Загриженост предизвикуваат и иницијативите за политички интервенции во судските тела и обвинителството. Во март 2025 година, Парламентот изгласа интерпелација против пет члена на Судскиот совет, што иако нема правна сила за разрешување, сепак претставува политичко гласање за недоверба кој носи ризик да ја поткопа независноста на Советот. Истиот период Владата покрена постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, која потоа беше стопирана, но во јули Собранието изгласа нова интерпелација против обвинителот, што дополнително се толкува како обид за политички притисок, појаснуваат во нивниот одговор.
Во такви услови, се вели во нивната изјава, довербата на граѓаните е исклучително ниска, што се констатира и со редовните мерења во Извештајот за проценка на корупцијата каде традиционално претставниците за законодавната, извршната и судската власт се наоѓаат висока на скалилото за перцепирани како корумпирани од страна на граѓаните. Проблемот не е во капацитетот на државата, туку во отсуството на политичка волја и во системското одржување на статус-кво состојбата кој не само што ја поткопува довербата на граѓаните во институциите, туку и ја забавува европската интеграција на земјата.
Насоки за движење напред
-За Северна Македонија конечно да покаже позитивни резултати, потребна е недвосмислена политичка волја – не само од поединечни институции, туку од целиот систем. Борбата против корупцијата и владеењето на правото не може да биде работа на неколку тела, туку заедничка обврска на сите институции и на политичките елити. Времето на оправдувања дека „некој друг е виновен“ или дека „е премногу тешко“ е одамна надминато. Основата е едноставна: мора да има казнивост за секое прекршување на законот, отчетност на сите институции и функционери и транспарентност во нивното работење. Но тоа не е доволно ако нема и преземање одговорност – нешто што со години недостига. Ако институцијата не реагира, ако функционерот не ја исполнува обврската, мора да постојат последици, потенцираат од МЦМС.
Пред сè, напоменуваат, мора суштински да се зајакне независноста на судството преку воспоставување транспарентни и отпорни механизми што ќе ги заштитат судиите и обвинителите од политички притисоци. Воедно, додаваат, неопходно е донесување нов Кривичен законик усогласен со европските стандарди, кој ќе овозможи доследно санкционирање на злоупотребите и ефикасна конфискација на нелегално стекнат имот. За да биде системот функционален, мора да се вложи во човечки ресурси преку нови вработувања на судии, обвинители и стручни кадри, особено во институциите кои се борат со организиран криминал и корупција. Еднакво важно е да се обезбеди финансиска независност на судството и антикорупциските тела, за тие да можат да работат без ограничувања и надвор од политичко влијание.
-Второ, клучен приоритет е донесувањето на нова Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030 преку инклузивен процес со активно учество на сите засегнати страни. Таа мора да биде не само формално усвоена, туку и доследно спроведена, со редовно јавно објавување на резултатите и јасна одговорност за институциите што нема да ги исполнат своите обврски. Конечно, мора јасно да се покаже дека е завршено времето на неказнивост и симболични реформи. Само кога институциите ќе демонстрираат дека правдата е еднаква за сите и кога ќе има конкретни санкции за злоупотребите, ќе можеме да зборуваме за реален напредок и позитивни параметри, велат од граѓанската организација.
Б.Т.