MД „Илинден“ – Тирана: Фалсификуван е бројот на етнички Македонци со грубо мешање на бугарската амбасада во Албанија

од Nikola Popovski
318 прегледи

Македонско друштво „Илинден“ од Тирана утврди Декларација против резултатите од пописот во Албанија спроведен од 18-ти септември до 30-ти октомври, а во одделни делови продолжен до 16-ти ноември 2023 година. Во Декларацијата стои дека Друштвото ги отфрла прелиминарните пописни резултати поради фалсификат на бројот на етничките Македонци.

-Нема етнички Бугари во Албанија, ниту имало некогаш претходно. Фалсификуван е бројот на етнички Македонци со грубо мешање на бугарската амбасада во Тирана, владата во Софија и неколку фондации од Бугарија, пред и за време на пописот, остро реагираат македонското друштво „Илинден“.

Се посочува дека и покрај постојаното алармирање пред јавноста и институцииите на власта на Албанија, во текот на цела година, за очигледните подготовки за пописен фалсификат, ништо не е сторено.

-Изразуваме жалење и разочараност поради незаинтересираноста на албанската Влада за грубото мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија со цел денационализација и асимилација на Македонците во областите и местата каде што живеат. Жалиме што албанската Влада не презеде мерки за заштита на правата и слободите на Македонците во Албанија, стои во декларацијата.

Декларацијата, ќе биде доставена до албанскиот Парламент, Владата, претседателот на државата, Државниот институт за статистика и Народниот правобранител, до македонскиот претседател, Собранието и Владата, како и до Европската Унија, Советот на Европа, ОБСЕ, ФУЕН и странските амбасади акредитирани во Албанија.

Македонците и другите национални малцинства во Албанија, не го прифаќаат пописот и бараат нов со меѓународни стандарди на ООН и ЕУ.

Според извештаите на институтот за статистика ИНСТАТ, во Албанија по најновиот попис живеат повеќе Бугари од Македонци. Бројот на попишани Бугари во Албанија изнесува 7.957, додека бројот на Македонци е 2 281. На претпоследниот попис во Албанија во 2011 година биле регистрирани 5.512 Македонци.

Слични содржини