МД „Илинден Тирана“ ја осудува посетата на Јотова: Македонците во Албанија никогаш нема да бидат Бугари

од Nikola Popovski

Македонско друштво “Илинден”-Тирана најостро ја осудува, како што велат, антимакедонската дводневна посета на бугарската потпретседателка Илијана Јотова на Република Албанија, заедно со бугарски универзитетски професори и академици, во пресрет на пописот на населението во Република Албанија.

Програмата на акцијата “Бугари во Албанија“ предвидува отворање на “неделно училиште на бугарски јазик во Елбасан“, потоа во Тирана ќе ја промовира книгата на Спас Тошев “Бугарите во Албанија“, а во селото Големо Острени, Голо Брдо неделно училиште на бугарски јазик. На ваквите бугарски активности остро реагираат Македонците во Голо Брдо и Елбасан, како и цела Република Албанија.

Според реакциите на жителите на село Големо Острени и цела област Голо Брдо, се скрнави и историската вистина дека во мугрите на 4 март 1916 година, токму бугарските војски за време на бугарската окупација на Голо Брдо, ги заробиле Елез Кочи и Ќазим Дука од селото Големо Острени и после брутално мачење живи ги закопале во близина на реката во село Верница, областа Голо Брдо. Кога се има предвид дека Јотова во Големо Острени училиштето се вика Елез Кочи, крвнички убиен од бугарските крвници, јасна е пораката дека Бугарите сакаат да им порачаат на младите генерации Македонци од Голо Брдо дека тие треба да си ја заборават историјата и жртвите од бугарските ѕверства. Ваквата постапка според Македонците во Голо Брдо, е недозволива и не смее да се повтори, велат од македонското друштво.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана како претставник на Македонците од Република Албанија се солидаризираат со бројните реакции на македонското население во Голо Брдо и порачуваат дека Македонците во Република Албанија говорат дека отсекогаш биле Македонци и никогаш нема да бидат Бугари!

Порачуваат дека промоцијата на акцијата “Бугари во Албанија“ има за цел да се извртува вистината и македонското население во Република Албанија да се прикаже како бугарско.

Секако, ваквата акција е потребна за Бугарите да можат пред членките на Европската унија да ги оправдаат своите асимилаторски акции во Република Албанија, кои се апсолутно неприфатливи како однесување за една членка на демократската унија. Од друга страна, ваквата „посета“ на високи бугарски претставници на Република Албанија треба да ги „потсети“ албанските власти дека на претстојниот попис во државата, треба да го зголемат бројот на Бугарите во однос на минатиот попис, на кој немаше ниту еден самодеклариран Бугарин во Република Албанија. Уцената на Бугарите кон албанската Влада се однесуваат на пристапувањето на Република Албанија кон Европската унија, преку грбот на Македонците, во Република Албанија.

Таквите насилнички делувања на бугарската политичка елита насочени кон асимилација на Македонците во Албанија однапред се осудени на пропаст бидејќи Македонците со присила нема да се пишуваат Бугари. Македонско друштво “Илинден”-Тирана повторува дека етнички бугари во Република Албанија нема, ниту имало, ниту ќе има, стои во соопштението на „Илинден-Тирана“.

Република Северна Македонија и Албанија имаат одлични односи и албанската влада дава гаранции дека пописот на населението ќе се спроведе во согласност со сите стандарди на Евростат, рече вчера премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на прашање поврзано со посетата на Јотова во Албанија.

Пописот на населението во Албанија ќе започне на 18-ти септември. Како што е најавено, Јотова меѓудругото ќе го посети Голо Брдо и ќе ја отвори учебната година во училиште во Елбасан. Како што соопшти нејзината прес-служба, а пренесува „БТА“, ова е важен момент за бугарското национално малцинство во Албанија откако беше признаено во 2017 година од страна на албанскиот парламент.

Слични содржини