Македонскиот дипломатски синдикат (МДС) го поздрави заминувањето на Никола Димитров од македонската дипломатија. Тие преку писмо посочуваат дека пустошот што го оставил Димитров тешко ќе може да се поправи во следните неколку години.
-Го поздравуваме фактот дека Димитров никогаш повеќе нема да се врати во МНР. Ќе бидеме многу благи кога ќе речеме дека твоето владеење во МНР (без наводници) беше во чист феудален манир, наспроти толку многу ветуваните европски стандарди. Веќе во првите денови од твоето владеење спречи упатување на дваесет наши млади колеги кои ги поминале сите законски процедури за упатување на работа во странство и беа пред заминување, само затоа што не биле според твоите афинитети. За кратко време, заедно со неколкумина твои трабанти, успеа да ги поделиш колегите на ‘наши’ и ‘ваши’ и да ја вгнездиш рак раната на поделбите во нашето општество во твоето некогашно министерство. Твојата тактика на раскарај па владеј имаше единствена цел со посејување на семето на клиентелизам да го зајакнеш твоето владеење и да си купиш поддршка од внатре на патот кон повисоките дострели. Тоа што остана позади тебе најладнокрвно не те интересираше, стои во писмото.
Според МДС, Димитров, своето владеење го зајакнал со бркање тројца колеги од работа.
–По спречувањето на младите колеги да заминат во странство, го зајакна своето владеење со бркање тројца колеги од работа (кое што патем не успеа, бидејќи судот ги врати на работа, па МНР мораше да плати големи судски трошоци). Тоа не беше доволно, па пристапи кон масовен мобинг кон сите тие што не беа според тоите афинитети, а покрена и повеќе дисциплински постапки против свои поранешни колеги без никаква основа, сè со цел тие да бидат дискредитирани, казнети или избркани од работа. Се разбира, ваквите монтирани постапки не ти поминаа, меѓу другото затоа што во МНР сепак не е изгубена свеста за професионализам и праведност, а и ние како синдикална солидарна организација дадовме солиден придонес во правната битка со твојот систем. Сакаше да го исприватизираш МНР со тогаш нов предлог на Закон за надворешни работи, кој исто така ти го срушивме, бидејќи беше изготвен во интерес на мала група на дипломати. Се прослави со недостапност и соработка само со десетина проценти од вработените, ги замрзна кариерите на голем број млади дипломати без унапредување согласно мерит системот, а фаворизираше само свои блиски според критериуми на лојалност, велат од МДС.
Вицепремиерот за европски прашања во заминување на вчерашната прес-конференција кажа дека неговите ставови околу преговорите со Бугарија, кои како што вели, во многу наврати биле спротивни на неговите владини колеги, биле причина зошто тој не се најде во новиот владин состав.
Дополнително, Димитров обвинува дека партијата на власт, му понудила да замине како амбасадор на Северна Македонија во Вашингтон, само, како што вели, за да го замолчат.
Призна дека нема доверба во актуелниот министер за надворешни работи, Бујар Османи.