Македонскиот дипломатски синдикат испрати отворено писмо до министерот за надворешни работи Бујар Османи кој деновиве беше во вонредната контрола на амбасадите и конзулатите за издавањето на патните документи.
-Сакаме да ви потенцираме дека вашата вонредна контрола на амбасадите и конзулатите и документирањето на овој процес со цел да се потенцира вашата „загриженост“ за ефикасноста на работата на ДКП-та е целосно неприфатлива и противзаконска. Вашата министерска позиција не ви дава право на увид во се уште не издадени лични документи и е во целосна спротивност на Законот за заштита на личните податоци, уште повеќе што истото е објавено јавно на Вашиот фејсбук профил, велат од МДС преку писмото.
Според Синдикатот, министерот го прекршува законот за надворешни работи.
-Дополнително, сакаме да ви укажеме дека давање инструкции за работа во смени како и работа во викенд е во целосна спротивност со Законот за надворешни работи како и Колективниот договор за јавната администрација.
На крајот сите се залагаме за македонските државјани да добијат документи час поскоро, но од сите информации во јавноста јасно е дека во државата нема обрасци за издавање на истите. Со оглед на ова, колку и да се форсираат колегите да работат во смени, викенди па дури и 24 часа истото е целосно залудно и ќе биде само во насока на разгорување на проблемот со доведување на странките во заблуда и креирање на дополнителна нервоза и притисок врз вработените во амбасадите и конзулатите, стои во реакцијата на МДС.
Османи пред два дена беше во Генералниот конзулат на Македонија во Венеција, а претходно ги посети дипломатско конзуларните претставништва во Бон, Германија, Берн, Швајцарија. Министерот вчера беше Виена, Австрија. Претходно Османи присуствуваше на Конференцијата за глобална безбедност во Минхен.
Во Венеција, како што се вели во соопштение од МНР, била направена „дополнителна реорганизација на работата со цел излегување во пресрет на што е можно поголем број наши државјани и скратување на нивното време на чекање за подигање нови патни исправи“.
-Од сега Генералниот конзулат во Венеција ќе работи во две смени, како и во сабота и недела. Мобилната станица, која се користи во Генералниот конзулат во Венеција, согласно однапред утврден распоред ќе се користи и во македонските амбасади во Рим и во Малта, соопшти МНР.