„Ме обвинија за блокирање на Суецкиот канал“

од Vladimir Zorba

Марва Елселехдар, прва жена капетан на брод во Египет, деновиве се соочи со лажна вест дека е одговорна за насукување на бродот „Евер Гивен“, што го блокираше Суецкиот канал и предизвика големи проблеми во меѓународната трговија.

Според Би-Би-Си, минатиот месец таа самата ја прочитала веста за голем брод што им го блокирал патот на другите во Каналот. Сепак, одеднаш почнаа да пристигнуваат вести дека таа е виновна за тоа.

„Бев шокирана“, рече Марва Елселехдар, која во тоа време работеше на бродот „Aida IV“ во Александрија, стотици милји далеку од Суец.

Бродот на кој таа служеше е во сопственост на египетските агенции за поморска безбедност, а неговата мисија беше да доставува залихи до светилникот на Црвеното Море, додека понекогаш се користи за обука на кадети на Арапската академија за наука, технологија и поморски транспорт.

Гласините почнаа да се шират врз основа на „скриншотови“ на лажен наслов, наводно, објавен од медиумската куќа „Arab News“, каде се тврди дека таа е вмешана во инцидентот.

Сепак, сликата очигледно е монтажа, бидејќи медиумот навистина објави сторија за неа на 22 март, но во контекст на фактот дека таа е прва жена капетан во Египет. Како и да е, лагата брзо се прошири на социјалните мрежи и се појавија бројни лажни профили кои ја „обвинија“ за инцидентот со бродот „Евер Гивен“.

Како што рече и самата 29-годишна девојка, ниту денес не знае кој, и зошто, започнал да шири ваква дезинформација.

„Ми се чини дека станав мета на некого затоа што сум успешна жена во овој бизнис или затоа што сум Египќанка, но не можам да кажам ништо со сигурност“, рече таа.

Патем, по дипломирањето, таа започна да работи на бродот Аида IV, а во 2017 година беше одликувана од египетскиот претседател Абдел Фатах Ел-Сиси. Оваа лажна информација ја погодила до тој степен што почнала да се плаши за својата работа.

„Лажната статија е напишана на англиски јазик, па многу брзо се прошири низ целиот свет. Се обидов да го негирам сето тоа, бидејќи тоа влијаеше на мојата репутација. Сепак, решив да се фокусирам на позитивните коментари, односно на луѓето кои беа на мојата страна“, изјави таа за Би-Би-Си.

Слични содржини