„Ме разрешивте морално, сега сакате и правно“: Рамадани обвинува за закани откако Министерството за локална самоуправа му испратило допис дека дека по завршувањето на одморот, не извршува работни задачи

„Ме посрамотивте, но не заборавајте – и Груевски посрами многу Албанци, а денес бега низ Будимпешта. Историјата не ги простува оние што државата ја користат за лична одмазда“, порачува Рамадани во објавата

од Nikola Popovski
34 прегледи

Kандидатот за градоначалник на Општина Брвеница, Хаќим Рамадани, кој е и директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, преку социјалните мрежи објави писмо во кое се бара од него да постапува согласно надлежностите. Тврди дека „го разрешиле морално, но сега сакаат да го сторат тоа и во правна форма“.

Во дописот од Министерството за локална самоуправа стои дека Рамадани, после завршувањето на земените денови од годишниот одмор, не извршува работни активности од 4-ти ноември.

„Писмо до оние што мислат дека стравот држи луѓе под контрола!

Денес ми испратија писмо – наводно пријателско, но во суштина заканувачко. Почитувана државна секретарка Јулијана, го разбирам вашиот немир и притисокот што се обидувате да го направите преку телефон. Но, како што се вели во филмот за Исмаил Ќемали: „Зошто не се молевте кога го апсевте, а сега се однесувате како добрата?“ Ве познавам добро веќе 16 месеци – и подобро од мене го знаат Албанците во тоа министерство како ги малтретирате. Залудно ви е. И вие, и сите што мислите дека власта е вечна – деновите се изброени.

Правно немавте никакво право. Од денот кога се распишуваат изборите, премиерот не може ниту да назначува, ниту да разрешува. Но сепак, ме разрешивте морално. Сега можеби чекате момент да ме разрешите и правно. Но не ме боли што волкот ми ги изеде овците – ме боли што и кучињата од моето стадо му се придружија.

Се обидовте да ме понижите и да ми го одземете авторитетот. Но авторитетот не се дава со декрет и не се зема со писмо. Се гради со чесност, истрајност и достоинство – вредности што вие не ги познавате.

Ме посрамотивте, но не заборавајте – и Груевски посрами многу Албанци, а денес бега низ Будимпешта. Историјата не ги простува оние што државата ја користат за лична одмазда. Ставете прст на глава и размислете добро: Оној што прави зло, завршува во затвор – во Будимпешта, во Тирана, во Москва или каде било.

„Волкот ја менува влакната, но не и навиките.“ „Вистината не се плаши, дури и кога е сама.“ „Кој се бори за правда, не познава страв“, стои во објавата на Рамадани.

Рамадани не стана градоначалник, односно неговиот противкандидат Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе гласови од него, и ќе ја извршува функцијата градоначалник на Општина Брвеница.

Претходно премиерот Христијан Мицкоски најави дека Рамадани ќе биде разрешен и од позицијата директор на Инспекторатот за локална самоуправа.

За разврската на локалните избори во општина Брвеница, градоначалникот на Чаир и еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити изјавил дека нивното барање било коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, да не предлага кандидати во првиот круг како во општина Чашка и трката да заврши во првиот круг.

„Ова не се случи и во вториот круг отидоа кандидатот на ВМРО, досегашниот градоначалник и Хаќим Рамадани од ВЛЕН. И во тој процес, мислам дека Хаќим ја промени својата стратегија, без да се консултира со ВЛЕН, одлучи да ги кине плакатите на ВЛЕН… Ние не сме лути, ние го поддржавме Хаќим. На крајот, Рамадани од ВЛЕН отиде во дијаспората заедно со Енвер Пајазити, кој беше независен кандидат и поддржан од НАИ“, рече пред неколку дена Меџити.