Мечка се појави на улиците на Дебар, ловџиите предупредуваат: „Не трчајте, побрза е од вас“

„Не ја гледајте директно во очи – тоа може да го сфати како провокација“, порачуваат од Здружението на ловци „Стогово“

од Nikola Popovski
26 прегледи

Здружението на ловци „Стогово“ од Дебар издаде предупредување поради честата појава на диви животни во населените места, вклучувајќи мечки, диви свињи и волци. Оттаму велат дека пред неколку дена, граѓаните на Дебар се соочиле со голема мечка на главниот булевар во градот.

За среќа, немало повредени, но здружението предупредува дека ваквите ситуации претставуваат сериозен ризик за безбедноста на граѓаните.

„Не трчајте – мечката е многу побрза од човекот, не викајте и не ја провоцирајте, не ѝ приоѓајте за да фотографирате или снимате видеа. Никогаш не ја хранете – ќе се навикне повторно да се враќа. Не ја следете во шумата и не оставајте храна пред вашата куќа или згради“, се наведува во апелот на здружението.

На граѓаните им се препорачува да останат смирени и полека да се повлекуваат во случај на средба со мечка. Во апелот се додава дека не треба да прават ненадејни движења, не треба да се гледа мечката директно во очи, а доколку е на поголемо растојание, граѓаните да направат мала бучава (плеснете со раце, зборувајте со нормален тон) за да се оддалечи.

„Граѓаните мора да бидат свесни за опасноста и да се воздржат од импулсивни постапки. Во секој случај, тие веднаш треба да ја известат полицијата, шумската служба или општината“, велат од здружението.

Од „Стогово“ нагласуваат дека остануваат на располагање за соработка со граѓаните и институциите, со цел да се спречат инциденти. Велат дека се потребни координирани мерки, особено во периоди како овој кога животните се движат поблиску до луѓето од вообичаено. Пораката е дека жителите на Дебар и околните села треба да бидат внимателни, но не и да преземаат нешто на своја рака.