Мециновиќ: Ако победиме, Грац и Скопје ќе станат сестрински градови во заедничката визија за солидарно и праведно општество

Според Мециновиќ, искуството од Грац е доказ дека левицата не само што може да победи на избори, туку и успешно и чесно да управува во интерес на обичните луѓе

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Левица

Во градската куќа во Грац, кандидатот за градоначалник на Скопје Амар Мециновиќ и кандидатките за Советот на Град Скопје, Евгенија Станкоска и Андреа Јанков, остварија средба со градоначалничката Елке Кар, која неодамна беше прогласена за најдобар градоначалник на светот за 2023 година.

„Имавме исклучителна чест да разговараме со Елке Кар за теми што се исклучително важни и за Скопје: јавниот превоз, домувањето и социјалната политика. Гледавме како довербата со граѓаните се гради со чесност и транспарентност, нешто што и нам ни е секојдневен предизвик“, изјави Мециновиќ по средбата.

Според него, искуството од Грац е доказ дека левицата не само што може да победи на избори, туку и успешно и чесно да управува во интерес на обичните луѓе.

„Од примерот на Елке Кар јасно гледаме дека политиката може да служи на граѓаните, а не на крупниот капитал“, додава тој.

Елке Кар ја претвори својата функција во алатка за градење еднакво и солидарно општество. Таа воведе годишна карта за јавен превоз по цена од само 50 евра, зголеми го буџетот за образование за три милиони евра и намали сметките за струја на жителите за 25 отсто. Градот активно купува земјиште за изградба на социјални станови, инвестира во засолништа за бездомни жени и мајки со деца, и обезбедува попусти за граѓаните со низок приход во повеќе сфери – од транспорт до култура и спорт.

„Нам во Скопје ни требаат вакви примери. Нашиот град колабира под притисок на крупниот капитал, а граѓаните секојдневно чувствуваат последици од приватизацијата и запоставувањето на јавниот интерес. Примерите од Грац нè охрабруваат дека навистина може поинаку“, истакна Мециновиќ.

Во разговорот било отворено и прашањето за можноста Скопје и Грац да станат сестрински градови, преку размена на добри практики и заеднички проекти.

„Ако победиме, Грац и Скопје ќе станат сестрински градови во заедничката визија за солидарно и праведно општество“, порачува кандидатот за градоначалник на Скопје.

Елке Кар е прва градоначалничка од Комунистичката партија на Австрија, од 2021 година го води Грац, вториот најголем град во Австрија, и го претвори во пример за социјално одговорно управување, зелен развој и човечно раководење. За себе вели дека токму Јосип Броз Тито е најблиску до нејзините идеали, а јавниот интерес го става пред сè.