Мециновиќ: БРТ е „глорифицирана 15-ка или 5-ка“ – искуствата од Истанбул, Богота и Џакарта покажуваат дека е преодно решение кое долгорочно создава уште поголем метеж

Како клучен сегмент го најави ставањето во функција на постоечката железничка линија по север–југ (Ѓорче Петров – Скопје Север – Драчево) и изградба на нова траса по оската исток–запад. Линијата би била долга 13 километри, со 20 станици, и според него долгорочно ќе заштеди стотици милиони евра

од Nikola Popovski
41 прегледи Фото: Фб профил на Амар Мециновиќ

Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје од Левица, денес најави дека партијата нуди подобро и долгорочно решение за јавниот превоз од оние на ДПМНЕ и СДСМ. „Нашето решение е опсежно и веруваме дека може да ги реши најголемиот дел од проблемите за кои моите противкандидати постојано зборуваат“, рече тој.

Мециновиќ потсети дека во изминатиот советнички мандат Град Скопје имал можност повеќе од 20 пати да набави нови автобуси, но тоа не било направено. Како прв чекор ја најави набавката на нови и безбедни автобуси, наместо, како што рече, „дотраените возила што минатото лето се палеа на улиците и го загрозуваа секојдневието на Скопјани“.

Втората мерка е промена на автобуските линии. „Тие се анахрони, неколку децении стари и сосема неефикасни. Наместо долгите линии по исток-запад, ќе воведеме циркуларни линии кои ќе го хранат комбинираниот транспорт“, изјави тој.

Како клучен сегмент го најави ставањето во функција на постоечката железничка линија по север–југ (Ѓорче Петров – Скопје Север – Драчево) и изградба на нова траса по оската исток–запад. Линијата би била долга 13 километри, со 20 станици, и според него долгорочно ќе заштеди стотици милиони евра.

„Јас сум целосно отворен за соработка со централната власт. Не може 600 илјади граѓани да бидат жртви затоа што јас и Мицкоски не можеме да се договориме“, рече Мециновиќ.

Тој додаде дека предложеното решение е подобро од проектот БРТ.

„БРТ е ‘глорифицирана 15-ка или 5-ка’. Искуствата од Истанбул, Богота и Џакарта покажуваат дека е преодно решение кое долгорочно создава уште поголем метеж“, нагласи кандидатот.

Мециновиќ потсети и дека Скопје е единствен главен град без јавна линија до аеродромот, ниту кон индустриската зона Бунарџик. Според него, со поврзување на постоечката железничка инфраструктура може да се обезбеди функционален систем што ќе му овозможи на градот „конечно да почне да дише“.

„Ова е капитален проект и нема да се распленуваме. Јавниот превоз мора да профункционира затоа што тоа е социјално прашање. Поголемиот дел од Скопјани се возат со јавен транспорт“, рече Мециновиќ, потсетувајќи дека како советник повеќе од дваесет пати ги повикувал ДПМНЕ и СДСМ да гласаат за ново решение, но тие биле незаинтересирани.

„Знаете ли зошто сакаат БРТ, а не железница? Затоа што железницата ја поставуваат Македонски Железници, а нивните компании знаат само да бетонираат и асфалтираат. Ние сакаме визионерски пристап и изградба на трајна инфраструктура што ќе го воскресне железничкиот транспорт – најефективниот во светот денес“, заврши Мециновиќ, кандидатот за градоначалник на Скопје.