Мециновиќ и Ѓорѓиевски влегуваат во втор круг за Град Скопје, Апасиев му порача на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ да не бега од дебата

Во изборниот штаб на Левица, ечеа скандирањата од типот „Никој ништо не ти може, Амаре“

од Nikola Popovski
387 прегледи

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев заедно со кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ синоќа порачаа дека нивната партија станува лидер во опозицискиот блок откако Мециновиќ влегува во втор круг против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.

Според Апасиев, од 2021 година, Левица расте од 8 кандидати за градоначалници прераснале на 20.

-Во 38 советнички листи, имавме 53 од вкупно 80 општини. Од 50 илјади гласови се движиме над 75 илјади гласови во овие 53 општини. Од 48 советници, сега имаме над 70 советници. Тоа покажува стабилен раст и јасен сигнал дека Левица е сериозен политички фактор, изјави Апасиев.

Лидерот на Левица ипрати порака и до Ѓорѓиевски „да не бега од дебата“.

Во изборниот штаб на Левица, ечеа скандирањата од типот „Никој ништо не ти може, Амаре“.

-Го дочекавме денот кога ВМРО и СДСМ нема да ни бидат судбина. Ги повикуваме сите кои се разочарани да ни се придружат, рече меѓу другото Мециновиќ во своето обраќање.

Според резултатите од Државната изборна комисија, од 99,85 обработени избирачки места Ѓорѓиевски освоил 39,43 отсто од гласовите, а Мециновиќ 13,21 отсто. На трето место е кандидатот на коалицијата „Вреди“ Башким Бакиу, a четврта е кандидатката на СДСМ, Каја Шукова.