На денешната прес-конференција, пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ смета дека доколку дојде до одржување на предвремени парламентарни избори, тоа ќе биде одлука на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, а не на целото парламентарно мнозинство. Вели дека го радува дека се зборува за такво нешто, бидејќи, како што вели, се гледа крајот на темниот тунел на десничарската власт.
-Еве вие гледате дека имаме власт која најголем дел од енергијата го посветува во борба со синдикатите, неистомисленици и нѐ задолжува. Се подолго колку што трае владеењето на оваа власт, сѐ повеќе ќе бидеме задолжени. После овие речиси две години парламентарна активност на Левица и особено по резултатите во Скопје од локалните избори, каде што обединивме многу различни групи на граѓани кои не беа дел од интегралното гласачко тело на Левица, тогаш ние и тоа како сме ентузијастични за предвремени парламентарни избори- затоа што мислиме дека можеме и да го зголемиме успехот, рече Мециновиќ од Собранието.
Пратеникот истакна дека факторизацијата на Левица почнува од главниот град, но, се шири се подалеку.
-Како што претендиравме да владееме со Град Скопје на локалните избори, сега ќе претендираме да владееме и со Македонија. Таа платформа е следствена на потребите на граѓаните кои не можат да го трпат притисокот од властите, додаде Мециновиќ.