Мециновиќ: МВР реагира на сквернавење на државните симболи, а не влегува во канцелариите на градоначалниците каде што нема македонско знаме

од Nikola Popovski
200 прегледи

Пратеничката група на Левица во текот на неделава ќе поднесе Предлог закон за формирање на Инспекторат за употреба на грбот, знамето и химната на државава и на знамињата на заедниците во земјава што ќе даде механизам за спроведување на веќе постојните закони и законска материја, најави пратеникот Амар Мециновиќ.

-Веќе 27 години постои Закон за употреба на државното знаме и грб, но нема орган кој го спроведува овој закон. Исто така постои закон за знамињата на заедниците и тој закон пропишува глоби, но нема институција која ги изрекува тие глоби. Практично имаме мртво слово на хартија, а во меѓувреме сме сведоци на секојдневно непочитување на државните симболи особено за време на јавни прослави, спортски манифестации, па дури и на официјални церемонии, рече Мециновиќ од Левица на денешната прес-конференција во Собранието.

Според него, МВР повеќе реагира на сквернавење на државните симболи, а не влегува во канцелариите на градоначалниците каде што нема македонско знаме.

-Дали МВР влегува во канцеларии каде што имаме американско, француско, германско, албанско, сите знамиња на светот, а нема македонско знаме? МВР не реагира во тој случај и затоа практично треба да се формира еден Инспекторат кој ќе ја следи доследната примена на оваа законска материја и затоа сметаме дека ова само ќе го пополни правниот ваакум кој постои, додаде Мециновиќ, навестувајќи дека со Инспекторатот би ја следел правилната употреба и кај приватните ентитети.

-Толку не се почитуваат државните симболи што изрелативизирана е нивната употреба – оставено е на добрата волја на поединци, правните лица и државните институции дали ќе го следат овој закон, посочува тој.

Мециновиќ очекува поддршка од сите партии за гласање на предложениот закон.

Слични содржини