Мециновиќ најавува тужби и кривични: Страшна злоупотреба е објавувањето на мојот ЕМБГ

-Освен инцидентот со ЕМБГ, имаме уште низа измислици, шпекулации, напади по семејство...Сето тоа ќе биде пропратено со тужби и кривични пријави, кажа Мециновиќ

од Nikola Popovski
56 прегледи

Во овие избори се случи преседан кој што не се случил досега. Во моментот кога јавноста имаше вперено очи во два кандидати и кога цела Македонија гледаше кон трката за Скопје, мене ми беше обелоденет ЕМБГ што е длабоко класифициран податок за нашите граѓани. Тоа е нешто што не се случило досега и тоа е страшна злоупотреба, обелодени денеска кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ преку изјава за медиумите.

Мециновиќ порача дека тоа е кривично дело во отежнети околности.

-Мене навистина ова не ми значи, но на сите други треба да им значи. Утре истово може да им го направи и на вас. Која институција се обиде да го превенира ова или да изреагира. Ова е прашање на човекови права, вели Мециновиќ.

Кандидатот за градоначалник на Левица жали што во овие 30 години, како што истакнува, живееме во социопатска политичка култура која се наметнува. Сепак вели дека е презадоволен од изборната кампања и вели дека добил голема поддршка.

-Ова е маратон. Јас и кога ќе победам, моите другари во Собранието ќе продолжат уште посилно да ги застапуваат интересите на граѓаните. Освен инцидентот со ЕМБГ, имаме уште низа измислици, шпекулации, напади по семејство…Сето тоа ќе биде пропратено со тужби и кривични пријави, кажа Мециновиќ и ги најави ваквите активности од понеделник.