Мециновиќ: Не може да се негира геноцидот во Палестина, желбата за слобода за другите е желба за слобода на својот народ

од Nikola Popovski
43 прегледи Фото: Принтскрин

Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ повторно истакнува дека Македонија треба да размислува во правец на признавање на Палестина за независна држава.

-Кога на 7-ми октомври минатата година ја поднесовме Декларацијата за признавање на државата Палестина во Собранието, дел од циничната машинерија на партиите тоа го оцени како несериозно, контрапродуктивно за Македонија и како неправилен потег. И најцинично, дека прво сме требале да гледаме кај себе во дворот, небаре Левица тоа не го прави. Уште полошо, како да е правилно да молчиш пред најголемото злосторство во нашето време, порача пратеникот во својата објава.

Според него, сега се наоѓаме во момент каде Франција и Обединетото Кралство најавуваат признавање во септември, а дел од државите на ЕУ кои веќе тоа го направија бараат дури санкции за Израел.

-Година и пол од тогаш, веќе и за најголемите поборници на статус-квото не може да се негира геноцидот кој апартхејдскиот режим го спроведува. Левица е дел од новиот бран на политиката, не само во Македонија, туку и во светот, кој мечтае, цели и се бори напоредно за трансформирање на досегашните односи на доминација и потчинување. Еден ден ќе се гордеевме дека сме застанале на правилната страна многу рано, укажувајќи на високо ниво на државнички интегритет за оваа мала балканска земја, истакнува Мециновиќ.

Пратеникот смета дека ова не треба да важи само за Палестина, туку и за низа други внатрешнополитички прашања.

-Што и да се случува, ние навистина веруваме во бранот на политиката на новата генерација. Алтруизмот кој го проектираме нанадвор ги отсликува нашите вредности навнатре – за сами себе. Желбата за слобода за другите е желба за слобода на народот свој.

Кога нашите политичари не угнетуваат, крадат и повторно ветуваат исти работи за нашите заедници, тоа истотака веројатно си го оправдуваат на ист начин, дека едноставно тоа е природниот тек на работите и нема што многу да се истапува од нормата. Веруваат дека овој народ не заслужува подобро од нивното коруптивно владеење. Левица ќе настапи гордо против традиционалната македонска политика, ќе го носи новиот бран, покрај сите цинизми, обезвреднувања и лаги кои со кои ќе настапат чуварите на овој гнил систем против промените кои ги нудиме, порачува меѓу другото, членот на Левица.