Мециновиќ очекува влез во втор круг за Град Скопје

„Еве, денеска, можеме да заклучиме една кампања каде што едно од клучните прашања кои ги имав беше: Па, што ако победиши? Што ако централната власт не соработува со тебе? И тоа е едно прашање кое само треба да ни биде аларм за во каква ситуација сме дојдени, дали тоа значи дека треба да ги предадеме клучевите од градот на Премиерот?“, праша Мециновиќ

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

„Денес пешачиме од Ѓорче Петров до Ново Лисиче. Ги повикуваме граѓаните кои сакаат да ни се придружат. Имаме објавено рута на моите профили на Фејсбук и на Инстаграм, така што може да ни се придружат и да поразговараме за работите на овој последен ден од кампањата. Инаку, тоа што беше нашата поента за оваа кампања е да се даде повторно надеж, затоа што мислам дека сите ние во Скопје можеме да се сложиме дека работиве не ги бива“, истакна кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ од Левица, на последната прес – конференција од првиот круг за локалните избори – 2025 година.

,,Не ни треба многу филозофија, не ни требаат ни студии, ни проценки, ни експерти. Сите ние живееме во Скопје. Знаеме дека ситуацијата е крајно лоша. Можеби, никогаш не била волку лоша. Ама тоа што треба политичките чинители, конечно, да го направат во Македонија, е да покажат дека може да се сменат работите и дека има надеж. Тоа ние успеавме да го направиме”, образложи Мециновиќ.

Тој истакна дека со оглед на позитивната кампања која ја тераше Левица во целиот овој изминат период, очекуваат дека ќе имаат позитивни резултати.

,,Очекуваме дека има реални шанси да влеземе во вториот круг и да се натпреваруваме за престолнината за град Скопје. А јас повторно ќе нагласам дека мојата мотивација за влез во оваа трка беше затоа што токму во овој Совет кој беше крајно дисфункционален и деструктивен по своите граѓани, а бев член на тој совет пред да станам пратеник и од таа побуда од побудата за подобрување на условите во Скопје, знаејќи како се однесувал досега Советот и градските власти, сметаме дека, навистина, нешто може да тргне во позитивна насока”, рече Мециновиќ.

Тој ги потенцираше клучните заложби за оваа кампања.

,,Број еден и најбитен приоритет за нас во идниот мандат би бил јавниот превоз. Клучно прашање е прашањето на зачување на животната средина, а тука е и борбата со загадувањето на воздухот. Како што сум нагласил повеќепати, досега градските власти само ги третирале симптомите, не изворите на загадувањето. Изворите на загадувањето се од различна природа. Тоа е буквално од прашината која не се чисти од нашите улици, од инспекциските служби кои не можат да ја вршат својата работа на вистински начин и крајно – и преку давање на еден вистински модел на јавен превоз кој ќе им дозволи на скопјани да бараат алтернатива покрај личните возила како што се автомобилите”, додаде кандидатот на Левица за Град Скопје.

Мециновиќ ги спомена и сите работи кои тој и кандидатите ги зборувале во изминатиот период, а кои се крајно банални и кои треба една градска власт да ги спроведува тековно како: поправањето на улици, чистењето на смет.

,,Сакам на гледачите да им посочам дека единствениот одговор е окрупнување и зајакнување на нашите претпријатија. Кога ќе ги ујакнеме претпријатијата, тогаш ќе имаме и квалитетни услуги. Градоначалниците не излегуваат на терен со лопати со метли. Работниците се тие кои ги чистат нашите улици. Работниците се тие кои ги поправаат нашите улици, така што треба да се зајакнат капацитетите на Град Скопје и да се создадат подобри услови за работа, кои ќе можат да одговараат потоа на потребите на граѓаните на Скопје”, објасни Мециновиќ.

,,Ние нема да дозволиме приватизација на ниеден капацитет на град Скопје, на ниедна педа на град Скопје. Напротив, ние сметаме дека тие капацитети треба да се окрупнуваат и мислам дека цела оваа порака добро резонира со граѓаните на град Скопје, затоа што ние сме сведоци дека во изминатите неколку децении дел по дел, кришка по кришка, градските капацитети се намалуваат и град Скопје е сè повеќе и повеќе зависен од волјата на централната власт”, рече Амар Мециновиќ во однос на јакнењето на капацитетите на јавните претпријатија.

,,Еве, денеска, можеме да заклучиме една кампања каде што едно од клучните прашања кои ги имав беше: Па, што ако победиши? Што ако централната власт не соработува со тебе? И тоа е едно прашање кое само треба да ни биде аларм за во каква ситуација сме дојдени, дали тоа значи дека треба да ги предадеме клучевите од градот на Премиерот? Ние сметаме дека не е тоа така, туку, едноставно, треба во интерес на скопјани, а не во интерес на Левица или ВМРО ДПМНЕ или поединци да се водат политиките, туку ексклузивно – во интересот на град Скопје. Шест илјади луѓе сме, можеме да ги решиме проблемите. Можеби, не јас сам, можеби, не ние тука што сме собрани, ама во град Скопје има неверојатен човечки потенцијал. Доколку придонесе, сметаме дека градот може повторно да блесне во сиот негов раскош”, истакна Мециновиќ.

На новинарско прашање како се чувствува Амар Мециновиќ пред изборите во недела, тој одговори дека се чувствува супер, затоа што е многу задоволен од тоа како поминаа изминатите три недели.

,,Ние мислиме дека го дадовме својот максимум како никогаш порано. Ние сме многу задоволни со тоа и едноставно, можеби, најголемото задоволство е тоа што го гледавме на самиот терен. Граѓаните се многу отворени за разговор со нас, очекуваат од нас промени кои се едноставно на едно ниво на минимум – граѓаните, едноставно, очекуваат било какво мрднување од точката нула, доколку се почне барем со најмали чекори, а да не се оди во насока на пумпање на некои коруптивни зделки, како што било досега. Ние сме доста ентузијастични настроени за во недела и очекуваме позитивни резултати”, додаде тој.