Левица денеска обвини дека кочанската трагедија не беше, како што велат, судбинска несреќа туку трагедија со дозвола, печат, потпис, молчење и најпосле со постојаност. Ги споменуваат случаите со Тетовската модуларна болница, Онкологија… и сето тоа велат дека е поради неказнивоста и корупцијата. Според портпаролот на партијата и пратеник, Амар Мециновиќ, не смее да се бега од вистината дека ова не е инцидент туку е системска пресуда на држава во која корупцијата стана поважна од човечкиот живот.
Преку изјава за медиумите, рече дека е нејасно е како воопшто работела дискотеката со блокирана сметка, како плаќала набавки и трошоци, дали со готовина (што е незаконски) или преку трета фирма. Побара од Владата, МВР и ОЈО да спроведат сеопфатна и транспарентна истрага.
Според Левица, само дел од наведените причини откриваа дека ова не е само трагедија предизвикана од пожар туку е целосен крах на системот. Оваа дискотека не само што работела незаконски, туку тоа го правела со години, пред очите на сите институции што требало да ја спречат. Корупцијата, небрежноста и институционалната неказнивост се директни виновници за смртта на толку голем број невини луѓе.
„Во наредните денови ќе предложиме четири клучни законски решенија: Измени во Кривичниот законик за одредбите кои беа сменети минатата година а се однесуваат на кривичната одговорност поврзана со злоупотребата на службената положба, укинување на приватното обезбедување во објекти од висок ризик, државни објекти и поголеми собири и измени во Законот за инспекциски надзор, како и во Законот за градење, како и по барање на медиумски работници да се создаде законска материја која ќе ги обврзува медиумите да имаат фонд на материјал за емитување во денови на жалост по примерот на јавниот сервис“, рече меѓу другото Мециновиќ.