Кандидатот за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ денеска повика на поддршка од сите негови противкандидати од првиот круг, од сите граѓани и од граѓанскиот сектор, потенцирајќи дека иако првостепено е кандидат на Левица, ова е веќе кандидатура на Скопје. Тој потенцираше дека победата ако се случи, истата ќе биде натпартиска, а таков ќе биде и мандатот.
Тој одговорајќи на новинарско прашање од „Локално“ дали очекува да го поддржат кандидатите кои не влегоа во вториот круг, одговори дека вториот круг претставува еден вид одговорност да се спротивставиме сите на авторитарниот режим на Христијан Мицкоски.
-Јас искрено бев малку покритичен во моето прво адресирање, затоа што, со почит кон демократскикот процес, но сега ќе кажам нешто отворено. Не сакам да наметнам морална стапица на некој, но сепак морам да потсетам дека ова е веќе одговорност да се спротивставиме на авторитарниот режим на Мицкоски. Повикувам на поддршка од сите здраворазумни луѓе и повикувам на поддршка од граѓанскиот сектор, затоа што јас навистина ако сум првостепено кандидат на Левица, ова е веќе кандидатура на Скопје, рече Мециновиќ.
Ова е, како што потенцираше, одговорност на секој човек кој не сака да бидеме под апсолутна капа на суетни и одмаздољубиви луѓе.
-Ние не смееме да дозволиме да постои апсолутна власт. Оваа злонамерна гарнитура да има претседателска функција, владина функција, локални единици, да ни ги држат скопските општини и да ни го држат градот. Тоа не смее да се случи, затоа отворено повикувам на поддршка на сите мои противкандидати од првиот круг, рече Мециновиќ.
Б.Т.