Мециновиќ: Претседателите на РКЕ не се независни – сегашниот беше член на СДСМ, претходниот беше член на ВМРО

Левица: Власта одби да ѝ даде ингеренции на министерката за енергетика – не помина законот за укинување на РКЕ

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Владеачкото мнозинство на ДПМНЕ – ЗНАМ – ВРЕДИ денес не го изгласа предложениот закон од Левица за укинување на Регулаторна комисија за енергетика, со кој се предвидуваше префрлање на сите нејзини инеренции на Министерството за енергетика со што би се воспоставила директна политичка одговорност за цените на енергенсите.

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, во своето излагање оцени дека енергетската сиромаштија не е личен, тукун политички проблем и резултат на институционални решенија кои не го штитат јавниот интерес. „Ова е политичко фијаско. Не е ничиј личен неуспех ако не може да ги плати сметките на крајот на месецот. Тоа е структурна неправда“, рече тој.

Обраќајќи му се на претседателот на Собранието и на пратениците, Мециновиќ потсети дека на минатата седница министерката за енергетика изјавила дека нема доволно ингеренции за да реагира на ценовните шокови.

„Ајде денес да му дадеме ингеренции на Министерството за енергетика. Ајде да му дадеме политичка одговорност“, побара пратеникот.

Според Мециновиќ, паралелно постоењето на Министерство за енергетика и РКЕ создава институционално дуплирање, а никој не одговара за високите сметки. „Не може да имаме две институции, а кога ќе се зголемат сметките никој да не е одговорен“.

„Претседателите на РКЕ не се независни. Сакам да потсетам дека сегашниот претседател беше член на СДСМ, а претходниот беше член на ВМРО. Ние не гледаме на политиката како поле за добивање на претседател на РКЕ од Левица, туку сакаме вам да ви ги дадеме ингеренциите за енергенсите во Македонија за да можат граѓаните да ве повикаат на одговорност“, кажа пратеникот.

„Со паушалната мрежарина, шест илјади домаќинства плаќаат околу 200 денари месечно, што значи стотици милиони евра добивка за приватниот оператор без реална потрошувачка“, рече Мециновиќ.

Левица со предлог – законот бараше целосно укинување на РКЕ и префрлање на нејзините ингеренции под Министерство за енергетика, со цел Владата и министерката за енергетика да бидат директно отчетни пред Собранието и граѓаните.

„Доста е од сиви еминенции. Ако денес одбиете политичка одговорност, таа ќе ви се враќа преку секоја следна сметка“, порача Мециновиќ.

Законот не доби поддршка од владеачкото мнозинство.