Мециновиќ во Собранието предложи враќање на патните трошоци за работниците

од Nikola Popovski
161 прегледи

Левица во Собранието предложи враќање на патните трошоци за пратениците. Со измени во Законот за работни односи, Левица предлага да се врати ова право на работниците, за кое велат дека е оставено на волјата на работодавците.

-Додека пратениците ги полнат џебовите со народни пари, илјадници работници сами ги покриваат своите трошоци за да стигнат на работа и да обезбедат леб за своите семејства. Практично, ако има за пратениците, ќе има и за работниците. Во моментов, законот не го предвидува ова, а тој од 2005 година ги признаваше овие надоместоци со тоа што нивната висина беше утврдена со општиот колективен договор. Затоа ние нудиме измени во членот 113 од Законот за работни односи, рече портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ.

-Доколку превоз до и од работното место не е организиран од страна на работодавачот, работникот има право на надомест на трошоци, 6,5 литри реална цена на гориво за 100 километри изминати, додаде Мециновиќ и рече дека очекува сите пратеници да ги поддржат овие законски измени, без разлика на партиска припадност.

Според пратеникот, „ги стимулираме работодавците да организираат превоз“.

-Ние сега велиме работодавецот треба да организира превоз и во случај да не организира, тогаш на секои 100 изминати километри, ќе се сметаат 6,5 литри по пазарната цена на горивото како надоместок за работникот. Во суштина, ако има пратениците, ќе има и работниците, дообјасни Мециновиќ.

Одбивањето на минатонеделниот предлог на Левица за измени во Законот за пратеници воопшто да биде ставен на дневен ред, значи дека останува на сила актуелниот Закон, кој предвидува надоместок за користење автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 20 отсто од продажната цена на еден литар гориво, според изминат километар. Тоа значи дека за секои извозени 100 километри, на пратениците им следуваат 1.700 денари, плус патарини.

Слични содржини