Ние во оваа трка не влегуваме со милиони евра за кампања, ниту со партиска машинерија што купува гласови. Нашата сила е во искреноста, во енергијата на новото време која ја носиме и во тоа што со нас можат да се поистоветат најголемиот број граѓани – ние сме обични луѓе кои целиот свој ангажман го вложиле за јавниот интерес, вели во интервју за „Локално“, кандидатот на Левица за градоначалник на Град Скопје и пратеник во Собранието, Амар Мециновиќ.
Запрашан со што би се зафатиле веднаш, доколку ја добие довербата од граѓаните, Мециновиќ посочува дека Скопје не е град само за младите или само за пензионерите – тој мора да биде град за сите.
-Во поглед на локалната политика, сметаме дека интересите на сите скопјани се многу слични, бидејќи се однесуваат на минимумот услови потребни за достоинствен живот, независно од животната фаза во која се наоѓаме, наведува кандидатот за градоначалник.
Мециновиќ посочува дека единствениот начин за деблокирање на градот е мнозинството да не биде во рацете на постојаната политичка констелација. Затоа, апелира до гласачите, изборите за советничките листи да ги сфатат како најбитни, дури повеќе и од изборот за градоначалник.
-Модерен град се состои од редовен јавен превоз, чист воздух, јавни простори за луѓето, транспарентни трошоци и градоначалник кој е достапен за секого. Ние тоа можеме да го почнеме во следниот мандат, но услов е граѓаните да веруваат дека промената е возможна, тврди Мециновиќ запрашан дали може нешто воопшто да се направи во следните 4 години за Скопје да заличи на европски град.
Левица годинава со рекорден број кандидати за градоначалници и број на советнички листи. Тргнувате во битка со веќе воспоставени (системски) кандидати од големите партии. Како Амар Мециновиќ ќе ги привлече гласачите на своја страна?
-Ние во оваа трка не влегуваме со милиони евра за кампања, ниту со партиска машинерија што купува гласови. Нашата сила е во искреноста, во енергијата на новото време која ја носиме и во тоа што со нас можат да се поистоветат најголемиот број граѓани – ние сме обични луѓе кои целиот свој ангажман го вложиле за јавниот интерес.
Тоа што не можат милионите да им обезбедат е јасна порака во која народот верува, бидејќи сите шанси кои им беа дадени, за возврат беа брутално искористени против граѓаните кои им ги доверија тие мандати. Меѓудругото, преку креативен пристап и искрена комуникација сметаме дека ќе понудиме кампања со политички маркетинг кој досега не бил виден во македонската политика.
Сметаме дека нашата порака резонира со широката јавност бидејќи имаме јасна визија: град кој работи за обичните луѓе, а не за мал број бизнисмени. Град во кој ние ќе управуваме со сопствената судбина.
Машинеријата на владејачката партија веќе работи во позадина – огласи за (партиски) вработувања веќе се во оптек за (купување) гласови, па дали се влегува во веќе изгубена битка или целта е само (засега) да се отиде чекор понатаму во однос на минатите локални избори? Како против системот?
-Токму тоа е она против кое се бориме – и воедно е борба поради која и постоиме. Тоа што одново и одново гледаме дека се подјармуваат демократските принципи со поткупи, предизборни вработувања и големи државни задолжувања е најдобар доказ зошто оваа битка, ни е како на колектив, насушно потребна.
Доколку прифатевме дека сè е однапред изгубено, тогаш денес немаше да бидеме овде – чекор поблиску до раскинување на маѓепсаниот круг на партиите на олигархијата. Ние успеваме да докажеме дека можеме и мораме да се спротивставиме на големата политичко-бизнис машинерија и да го кренеме духот на народот. Политичката трка не ја перцепираме како борба за фотељи, туку како предизвик за градење долгорочна сила на отпор кон корупцијата која како некрозно ткиво се шири и ни ги разјадува животите.
Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ веднаш ве нападнаа, најгласните велат и дека сте имале можност преку Советот да делувате во изминативе 4 години, како и со функциите кои сте ги добиле во претпријатијата но дека Скопје и понатаму е во катастрофална состојба. Како одговарате на овие обвинувања?
-Токму како советник и советничка група макотрпно се боревме за јавниот превоз, чистиот воздух, работничките права во претпријатијата и низа други прашања. И крајно, не беше недостатокот на борба тоа кое му пресуди на градот да ги живее овие свои црни дни, туку тоа што мнозинството во Советот го блокираше секој предлог од јавен интерес.
Тие кои ги наметнуваат наративите, тоа го прават со цел повторно во следните месец дена да ве посетат во вашите општини и населби и бесрамно да побараат уште четири години власт. Оние кои ја парадираа и Данела Арсовска пред да не втурнат сите нас во општа катастрофа.

Фото: Фејсбук
Ние во спротивност, не бегаме од одговорноста – напротив, борбата за Скопје ме донесе тука, да ја барам подршката од своите сограѓани на основа на кредибилитетот од советничкиот мандат.
Младите се на ваша страна, какви мерки планирате за останатиот дел од гласачкото тело? Со што би се зафатиле веднаш, доколку ја добиете довербата на граѓаните?
-Воглавно, поддршката која ја добиваме од младите пред сѐ е резултат на новата политичка контра-култура која природно се изнедри како контрадикцијата на досегашните текови на владеење во Република Македонија. Младите сиот свој живот го поминуваат под диктатот на профитот кој партиите на олигархијата го имаат наметнато како носечка одлика на политичкиот систем. Младите веќе немаат што да изгубат, бидејќи сѐ им е веќе одземено.
Другите демографски групи се малку повнимателни кон големи политички промени токму поради шокот од деведесеттите – кога низ општествено и економско реструктурирање им беа одземени перспективите и сигурноста. Сега е потребен хируршки зафат во спротивна насока и за тоа е потребна храброст.
Крајно, Скопје не е град само за младите или само за пензионерите – тој мора да биде град за сите. Во поглед на локалната политика, сметаме дека интересите на сите скопјани се многу слични, бидејќи се однесуваат на минимумот услови потребни за достоинствен живот, независно од животната фаза во која се наоѓаме.
Тоа кое нам ни се главни приоритети, ги тангираат сите групи подеднакво: подобрување на јавниот превоз, намалување на ефектите од загадувањето на воздухот, сопирање на дивата урбанизација и воскреснувањето на јавниот интерес како централна вредност за нашиот град.
Скопјани видоа какви блокади се случија во изминатиот совет откако пукна „калимерата“ помеѓу Арсовска и нејзините покровители од ВМРО-ДПМНЕ. Очекувате ли слична ситуација и во следниот мандат? Како да се избегнат блокадите за добробит на граѓаните?
-Единствениот начин за деблокирање на градот е мнозинството да не биде во рацете на постојаната политичка констелација. Затоа апелирам до гласачите, изборите за советничките листи да ги сфатат како најбитни, дури повеќе и од изборот за градоначалник.
Доколку Левица го предводи мнозинството, тогаш ќе испорачаме транспарентно работење. Блокадите се манифестација на криминални зделки и ненаситен порив за богатење – доколку не дозволиме уште еден мандат на крупниот капитал, нема блокади.
Независните влегуваат во трката со свои кандидати. Опозициската СДСМ побрза да ги обвини „за политички и бизнис влијанија врз независните кандидати“. Како го коментирате ова тврдење и дали гледате нешто слично и вие како кандидат?
-Пред сѐ, јасно е дека секоја опасност по ,,вечното” оро на големото дуо ќе биде нападнато веднаш и немилосрдно. Такви обвинувања се само продолжување на истата приказна: секој што не е дел од СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, веднаш станува „нечиј проект“. Јас го гледам спротивното – тоа што независни луѓе влегуваат значи дека граѓаните сакаат нови лица и нова политика.
Подготвени ли сте за коалиција со СДСМ доколку најдете „заеднички јазик“?
-Секогаш кога ќе има простор за соработка со независни политички чинители која носи реални придобивки за граѓаните – да. Кога станува збор за партиите кои владееле досега со нас, не гледам допирна точка која може да ги премости разликите кои ги имаме во јадрото на нашето политичко дејствување – немилосрдната борба против корупцијата, криминалот, клиентелизмот и приватниот интерес, наспроти нивниот историјат за поткрепување на овие корозивни феномени. Јас немам проблем да соработувам со секој чесен човек од независните опции, без разлика од каде доаѓа. Но нема да има компромис со бизнис-договори и криминал.
Левица ќе биде обединувачка сила за сите елементи во општествениот дискурс кои се спротиставени на монополот кој го имаат над политиката партиите на олигархијата.
– Да, ако почнеме веднаш и ако престанеме да мислиме дека тоа е невозможно. Модерен град се состои од редовен јавен превоз, чист воздух, јавни простори за луѓето, транспарентни трошоци и градоначалник кој е достапен за секого. Ние тоа можеме да го почнеме во следниот мандат, но услов е граѓаните да веруваат дека промената е возможна.
Н.П.