Медиуми шират руска пропаганда и дезинформации, новинарските здруженија сметаат дека државните институции имаат најголема моќ да ги откријат

од Nikola Popovski
210 прегледи

Специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин, вчера допатува во Скопје, од каде што испрати порака дека дезинформациите што ги генерира Русија се главниот извор на закана во овој дел од светот. Тој исто така порача дека има медиуми во земјава кои шират руска пропаганда и дезинформации, но без притоа да наведе конкретни имиња. Рубин притоа очекува да се формираат владини тела кои можат да почнат да го испитуваат и анализираат овој проблем за да се обидат да го спречат.

Дел од новинарските здруженија сметаат дека ова е одлична порака и дека веќе се движиме во позитивна насока во однос на справувањето. Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) за „Локално“ велат дека дезинформациите се присутни во секое општество, не само во нашето и претставуваат закана и носат поделба на истото.

-Како Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ) сме постојано во тек со развојот на овој процес, причина заради која работиме на кревање на свесноста на јавноста, граѓаните за опасноста од истата, но и за препознавање од нивна страна кои се професионални медиуми, причина заради која заедно со Советот за етика во медиумите (СЕММ) го создадовме Промедиа.мк регистарот на професионални медиуми кој во моментов брои приближно 150 медиуми. ЗНМ ги претставува новинарите, кои се дел од медиумите и преку нив постојано се трудиме да влијаеме на намалување на можноста за дезинформации преку обуки и тренинзи, за развој на вештините за нивно препознавање. Една од последните активности на оваа тема беше обуката за борба против дезинформации која ја реализиравме во месец март, а беше наменета за онлајн медиумите, на кој учествуваа повеќе од 30 медиуми. Слични обуки се планирани и во иднина со цел што повеќе заинтересирани новинари да земат учество, истакнаа од ЗНМ.

Наведуваат дека иако процесот е тежок, бавен и бара време за реализација, постои напредок во справувањето со пропагандите.

-Интернетот е тука да остане, токму затоа активно работиме во справување со оваа појава и веруваме дека процесот на саморегулација е една од алатките за тоа, ни изјавија од ЗНМ.

Во однос на тоа дали очекуваат САД да ги зголеми напорите за справување со дезинформациите на Западен Балкан, новинарското здружение ја поздравува секоја соработка.

-Секоја соработка е добредојдена. Така што за резултатите е рано да се зборува, но се надеваме на позитивен исход во претстојниот период, порачаа од ЗНМ.

Од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) укажуваат дека справувањето со дезинформациите  е комплексен проблем за чиешто решавање е неопходен сеопфатен пристап од сите компетентни актери во општеството.

-Институциите на државата имаат најголема моќ да ги добијат потребните информации кои се поврзани со основање и функционирање на медиуми и канали на комуникација што шират дезинформациски наративи во корист на злонамерни, надворешни актери, велат од таму за „Локално“.

Информираат дека нашата улога како граѓанско општество е пред се да се едуцира јавноста и новинарите и на тој начин да се влијае врз подобрување на свесноста за препознавање и реагирање кога станува збор за  дезинформации од таков тип.

-Ние, како институт за медиуми, повеќе години организираме обуки, конференции, кампањи за новинари, за наставници и за млади луѓе кадешто ги адресираме овие прашање, за да помогнеме во градењето отпорност на општеството за штетните влијанија од дезинформации, кои не доаѓаат само од надвор, туку во голема мера се создаваат и шират и од страна на домашни центри. Оттука, ја поздравуваме иницијативата што ја најави претставникот на Стејт Департментот  и се надеваме дека успешно ќе придонесе во справувањето со овој сериозен проблем, ни рекоа од МИМ.

Н.П.

Слични содржини