Медиумите незаинтересирани за работата на парламентот – сепак„ бомбите“ најинтересни!

од Vladimir Zorba
83 прегледи

Медиумите во февруари значително го намалија интересот за темите околу кои се дискутира во Собранието и за аргументите и ставовите на пратенциите споредено со претходните мониторирани периоди. Медиумското внимание значително се пренасочи на опозициските „бомби“, на меѓупартиски односи и генерално на политичката криза за сметка на случувањата во Собранието, покажува последната анализа  на  Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС)

закон за придонеси

Од најновиот 6 .мониторинг на медиумското покривање на Собранието на РМ , најголем дел од објавените информации или се однесуваат генерално на работата на Собранието , или во нив парламентот само се споменува во контекст на севкупната политичка состојба во земјата и односите меѓу политичките партии. Само мал дел од информациите се однесуваат на содржината на собраниските седници. Со ова, јавноста остана генерално недоволно информирана за случувањата во Собранието. Како извор на информации во врска со Собранието, повторно најчесто се јавуваат пратениците, иако нивниот удел во февруари значително се намали споредено со јануари.

Во информациите кои се однесуваат на Собранието во февруари значително е зголемена застапеноста на „други“ извори, односно, на странски дипломати, пратеници и други претставници што во најголем дел се должи на посетата на Јоханес Хан, комесар за европска соседска политика и преговори за проширување. Весниците многу повеќе отколку телевизиите објавувале информации во кои се споменува Собранието.

парламент клупи

Во заклучоците на оваа мониторирање се наведува:

 Медиумите во февруари значително помалку известуваа за случувањата во Собранието што коинцидира со насочувањето на јавниот интерес кон прес-конференциите на опозицијата и објавувањето на наводните прислушкувани аудио снимки за високи државни функционери.

 Следствено, значително опадна информирањето на јавноста за случувањата во Собранието, особено за содржината на собраниските расправи, темите и аргументите за кои дискутираа пратениците.

 Во февруари главни извори во медиумските информации кои се однесуваат на Собранието се пратениците. Нивната застапеност е за 14% поголема отколку во јануари, но не поголема од декември кога скоро половина од информациите беа дојдени од пратениците како главен извор.

 Во набљудуваниот период, од 1 до 28 февруари повторно во поголем дел од информациите се наведени само од една политичка опција.

 Во објавените содржини во кои се консултирани извори од само една политичка опција, како извори нешто почесто се јавуваат пратеници од владеачките партии отколку од опозицијата.

 Значително се зголеми процентот информации во кои се наведени „други“ извори под кои се водат странски дипломати, парламентарци и други претставници што во голем дел се должи на посетата на Скопје од страна на Јоханес Хан, комесар за европска соседска политика и преговори за проширување.

 Јавноста останува генерално недоволно информирана од страна на медиумите за случувањата во Собранието, законите кои се разгледуваат и аргументите кои ги изнесуваат пратениците на седниците.

 Собранието во февруари 2015, повторно најчесто е споменувано во контекст на пошироката политичка состојба во државата и односите меѓу партиите

 Медиумите на македонски јазик значително повеќе известувале за Собранието отколку медиумите на албански јазик, иако обајвените информации за Собранието на албански јазик во февруари бележи значителен пораст. Весниците како и во претходниот период значително повеќе известуваат за настани поврзани со Собранието отколку телевизиите.

……………………………………………

Проект: Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс,  финансиран од Европската Унија