Првиот заменик-премиер и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, во емисијата „Дијалог на Лајми”, изјави дека неговиот предходник Артан Груби, кој е во бегство од правдата во земјата, е во постојан контакт со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и тоа, според него, се забележува од начинот на функционирањето на партијата и медиумите блиски до него.
„Се зборува дека е во Албанија. Мислам дека е во постојан контакт со лидерот и раководството на ДУИ. Го гледам, сè уште се во неговото влијание. Тоа се гледа и во медиумите, и на порталите, и во соопштенијата. Тој замина, но последиците од него се очигледни и непоправливи”, рече Меџити.
На крајот на 2024 година, Ахмети од Косово во изјава за медиумите откри дека знае каде се наоѓа екс-вицепремиерот Груби и дека тој е подготвен да се појави пред органите на правдата, „но не во одмаздничката и селективна правда“, туку во процес на ветинг за сите функционери до денес.
„Не сум го сретнал Артан Груби. Тој е добро, неговата локација е секако на албанските простори, тоа е процес кој мора да има епилог. Aртан Груби не избега од Македонија. Артан Груби е подготвен да се појави пред органите на правдата, да ги почитува законите, но не во одмаздничката и селективна правда. Ние сме подготвени да одговориме во секој момент и побаравме да се направи ветинг во државата и да се отворат сите политички партии, да се отвори истрага за сите функционери до денеска. До последната точка ќе работиме и ќе се бориме, ќе наредуваме и ќе отвориме истрага за сите“, изјави Ахмети кон крајот на декември.