Министерот за здравство Фатмир Меџити, кој денеска даде поддршка за синоќешната акција на Обвинителството и полицијата на Клиниката за онкологија, очекува институциите брзо да се произнесат во однос на истрагата.
„Како министер, силно ги осудувам сите обиди или дејствија, на поединци или групи, кои преку дискрециони овластувања и начини на носење на одлуки во сопствена корист, направиле ненадоместлива штета врз здравјето и животот на пациентите, граѓаните и државата. Очекувам институциите да се произнесат брзо по однос на истрагата“, се наведува во пишаната изјава на Меџити.
Врз основа на судска наредба, вчера беа извршени претреси на Клиниката за онкологија и во два приватни стана. Притоа биле одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација, кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење.